Bilgin S. Şaşmaz
10 Декември 2017•Ажурирај: 11 Декември 2017
КЛИВЛЕНД (АА) - Во редовите на екипата Кливленд Кавалирс, која се натпреварува во американската кошаркарска лига НБА игра турскиот репрезентативец Џеди Осман кој по потекло е од Охрид. Осман изјави дека неверојатен извор на морал за него претставува поддршката која ја добива од турскиот народ, јавува Anadolu Agency (AA).
Џеди Осман, по натпреварот на Кливленд против Филаделфија '76 во „Квикен лоанс арена” одговараше на прашањата на новинарот на АА.
Турскиот 22-годишен репрезентативец зборувајќи дека извојувале значајна победа наспротив екипата на Филаделфија '76, изјави: „Филаделфија '76 одигра многу добро. По последниот пораз, посакувавме победа на домашен терен и ја извојувавме. Моралот на екипата е висок. Мораме да продолжиме на ист начин.”
- Поддршката од турскиот народ извор на морал
На прашањето околу адаптацијата во НБА, Џеди Осман рече дека немал проблеми и додаде: „Од самото мое доаѓање во клубот, моите соиграчи и тренери многу ми помогнаа. Воопшто не се почувствував како странец. Секој е многу добронамерен и на свој начин ми помогна.”
Изразувајќи ја својата среќа што е во САД, Џеди Осман истакна дека со големо задоволство го облекува дресот во НБА. „Се надевам дека во мојата прва сезона, мојот тим ќе го освои шампионскиот прстен”, рече Осман.
Турскиот репрезентативец изјави дека е многу среќен што турската нација ги следи неговите успеси. „Се чувствувам многу горд што луѓето, со цел да ми ја дадат својата поддршка, стануваат во доцните вечерни часови за ги следат натпреварите на кои настапувам. Неверојатен морал ми дава поддршката на турскиот народ. На натпреварите настапувам сметајќи на тоа. Затоа, им се заблагодарувам на сите за поддршката која ми ја даваат. Се надевам дека и јас со својата игра, на најдобар начин ја претставувам Турција”, зборуваше Џеди Осман.
- „Посакувам да играм кошарка во НБА до крајот на мојата кариера”
Џеди Осман смета дека е многу среќен што има можност да игра во редовите на екипа која се бори за шампионска титула во НБА. „Да се биде дел од една ваква екипа за мене претставува нешто неверојатно, голема среќа и гордост. Во екипата има многу искусни играчи од кои можам да научам многу нешта”, рече Осман.
Зборувајќи за чувството на среќа кое го има играјќи заедно со кошаркарската легенда Леброн Џејмс, Џеди Осман го рече следното: „Генерално, Леброн е човек кој му помага на секого. Тој е неверојатен лидер и играч. Многу сум среќен што играм во истиот тим со него. Има многу нешта кои можам да ги научам од него.”
На прашањето како изгледа на млади години да се постигне целта во кариерата, Џеди Осман одговори: „Генерално, моја цел е постојано да се унапредувам во кошарката, но всушност главна цел ми е да останам во НБА. Сакам да останам во НБА до крајот на кариерата”.
- Одлука на ФИБА, репрезентативни натпревари да се играат во текот на сезоната
За одлуката на ФИБА репрезентативни натпревари да се одржуваат во текот на сезоната, Џеди Осман го рече следното:
„Тоа е состојба која играчите ги става во многу тешка ситуација. Ниту една репрезентација не одигра со своите ѕвезди. Кошаркарите се наоѓаат меѓу екипите за кои настапуваат и репрезентаијата. Тоа од друга страна, негативно влијае врз нив, но на крај натпреварите се одигруваат. Одблиску ги следам натпреварите на Турција. Успеа да извојува две победи на дав натпревари. Се надевам дека ќе извојуваме победи и на натпреварите во февруари и на најдобар начин ќе напредуваме во квалификациите за Светскиот куп.”