Barış Kılıç
25 Јануари 2019•Ажурирај: 26 Јануари 2019
АНКАРА (AA) - „Турција е против било каков пуч, каде било во светот“, порача претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
„Никогаш не бевме со пучистите и нема да бидеме, против нив сме каде и да се во светот“, изјави турскиот претседател денес во Ерзурум.
Ердоган во четвртокот му изрази поддршка на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, откако американскиот претседател, Доналд Трамп, за „привремен претседател“ на таа земја го призна тамошниот претседател на Парламентот, Хуан Гуаидо.
Протестите во Венецуела почнаа на 10 јануари, на денот кога претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, положи свечена заклетва и го започна вториот мандат на функцијата шеф на државата.
Опозицијата во Венецуела не ја признава власта на Мадуро, а челникот на опозицијата и на Парламентот на таа земја, Хуан Гуаидо, се прогласи за привремен претседател. Мадуро тврди дека станува збор за обид за државен удар поддржан од САД, кои отворено застанаа на страната на опозицијата и Гуаидо.
Освен САД, опозицијата на Венецуела во преземањето на власта ја поддржаа и Бразил, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај. Од друга страна, Турција, Иран, Боливија, Мексико и уште некои земји го признаваат легитимитетот и ја поддржуваат власта на Мадуро.