Ferdi Türkten
10 Декември 2019•Ажурирај: 10 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја осуди одлуката на Шведската академија Нобеловата награда за литература за 2019 година да му ја додели на австрискиот писател Питер Хандке, којшто ги негираше злосторствата извршени во 1990-тите години во Босна и Херцеговина, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Доделувањето на Нобеловата награда за литература на 10 декември, Денот на човековите права, на расист кој негира дека во Босна и Херцеговина бил извршен геноцид и ги брани воените злосторства, не претставува ништо друго освен наградување на прекршувањето на човековите права“, истакна Ердоган.
По повод 71-годишнината од усвојувањето на Универзалната декларација на Обединетите нации (ОН) за човекови права и воведувањето на Денот на човековите права, претседателот Ердоган во својата честитка наведе: „За жал, на овој ден се соочуваме со година во која се прекршени правата загарантирани со оваа декларација, зголемена неправда, масакрирани се невини лица поради нивните верувања, а изградени се и нови ѕидови меѓу милосрдието и човечноста.“
Ердоган во изјавата посочува дека измина година во која цел на терористички чин беа џамија во Крајстчрч, црква во Шри Ланка, синагога во Калифорнија, со што се разоткриваат мрачните димензии на културниот расизам, нетолеранцијата, како и непријателството кон исламот.
„Најголемата одговорност за овие прашања, кои претставуваат закана за глобалниот мир и стабилност, ја имаат политичарите кои омразата кон исламот ја користат за добивање глас повеќе, медиумите кои го нормализираат говорот на омраза под терминот слобода на изразување и меѓународните организации кои со постоечките структури не можат да изнајдат решение за денешните проблеми. Меѓународната заедница веќе 9 години го игнорира плачот на милиони лица кај нашиот сосед Сирија, при што со ова молчење им е зададен најголем удар на вредностите на Универзалната декларација за човекови права.“
Претседателот Ердоган во изјавата истакнува дека во еден ваков период во кој се игнорираат човековите права, Турција ја презема одговорноста за манифестација на правда во светот, со доделувањето хуманитарна помош на милиони лица на кои им е потребна и со истовремената борба против повеќе терористички организации.