Ali Hakan Der
07 Април 2017•Ажурирај: 08 Април 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара изјави дека нападот на САД врз воздухопловната база е позитивен чекор против воените злосторства на режимот на Асад, но дека тој чекор не е доволен, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган се осврна на утринскиот напад на САД врз воздухопловната база на режимот на Асад во сирискиот град Хомс, кој е поврзан со последниот напад со хемиско оружје во Идлиб.
„Во свет во кој се убиваат деца на варварски начин, никој нема право да се чувствува мирно и безбедно. По овие случувања, неопходно е секој да го разгледа местото и позицијата во која се наоѓа. Извршените злосторства против човештвото, масакрот на децата, никој не смее да ги крие под маската на борбата против ДЕАШ. Случувањата во Сирија се толку јасни и трагични што не можат да се скријат под маската на борбата против ДЕАШ“, изјави Ердоган.
Во врска со нападот на американската војска на воздухопловната база на Асадовиот режим во Хомс, Ердоган изјави:
„Го сметаме за позитивен чекорот против воените злосторства со хемиско и конвенционално оружје извршени од страна на режимот на Асад. Но, дали тоа е доволно? Мислам дека тоа не е доволно“, изјави Ердоган, и додаде:
„Дојде време на секој план да се прават сериозни и конкретни чекори коишто ќе имаат за цел само заштита на сирискиот народ, без да се прават какви било пресметки“.
Според соопштението на Пентагон, воздухопловната база Шајрат е погодена со 59 проектили „томахавк“, утринава, околу пет часот по локално време. Проектилите се лансирани од американски бродови со дострел до воздухопловната база.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, по ракетирањето на базата на Асад повика на поддршка на тој воен чекор.