Турчинката Ебру Ердем, која уште од детството била етикетирана како „вонземјанка“, „туѓинка“ и „лице со попреченост“ поради тоа што нејзиниот изглед го споредувале со ликовите од филмот „Аватар“, својата физичка различност ја претворила во средство за подигнување на свеста и се бори против предрасудите кон луѓето со физичка различност.
Во разговор за АА за тешкиот период низ кој поминала, Ердем истакна дека уште од детството била изложена на малтретирање поради физичкиот изглед. Таа раскажа дека тоа особено дошло до израз кога била во градинка и основно училиште.
„Кога бев мала, ме исмејуваа како ‘Аватар’. Ме нарекуваа вонземјанка. Многу луѓе мислеа дека имам попреченост. На пример, кога ќе видат поинаков облик на лице, веднаш велат дека лицето има попреченост. Тоа не е само навреда упатена кон мене. Тоа е пристап што ги повредува и лицата со попреченост“, вели таа.
Нагласувајќи дека нема никакви физички или ментални проблеми, Ердем раскажа дека на социјалните мрежи добива голем број коментари поврзани со нејзиниот изглед.
Таа истакна дека некои луѓе дури ѝ советувале да направи естетска операција.
„Ако имаш пари, оди и среди си го лицето. Зошто изгледаш така? Ако немаш пари, ние ќе ти дадеме, оди и среди си го лицето. Искрено, ги читам овие коментари во шок“, вели Ердем.
Посочувајќи дека ваквите коментари не може секој лесно да ги поднесе, додава: „Кој и да е на мое место, навистина не би можел да поднесе толку многу луѓе. Има луѓе што не можат да го издржат тоа и велам дека никој не треба да ја преземе одговорноста за таквите последици.“
- „Ниеднаш не помислив да го сменам лицето“
Нагласувајќи дека е задоволна од своето лице и изглед, Ердем истакнува дека и покрај коментарите на луѓето никогаш не размислувала да се смени.
„Многу сум задоволна од своето лице. Велам дека дури и да станам трилионерка или милијардерка, никогаш нема да го сменам лицето, но луѓето сепак зборуваат. Го сакам своето лице уште од раѓање“, истакнува таа.
Ердем вели дека и покрај сите негативни искуства, споредбите со ликовите од „Аватар“ денес ги користи на поинаков начин, додавајќи дека би сакала да глуми во филмот.
„Штета што ‘Аватар’ не е турски филм. Кога би дошол некој режисер и би ми рекол да глумам, веднаш би отишла. Му се обраќам на режисерот на ‘Аватар’. Ве молам, дајте ми улога во филмот ‘Аватар’“, рече Ердем.
Таа вели дека била и продолжува да биде изложена на дискриминација и поинакви погледи и во младоста.
„Со години бев дискриминирана. Со години ме класифицираа. Искрено, не ме третираа како човек. Се однесуваа кон мене како постојано да сум некое нечовечко суштество. Да, сега можеби сум се претворила во лик од ‘Аватар’ и го користам тоа, но тие постојано се однесуваа кон мене како да не сум човек. Ме натераа да се чувствувам како да не сум човек.“
Ердем истакна дека на социјалните мрежи најтешки навреди добивала особено од жени.
„Иако велат дека жената треба да ѝ биде потпора на жената, јас најмногу малтретирање доживеав од жени. Најмногу напади претрпев од жени. Жените треба да се поддржуваат меѓусебно и да ја поддржуваат работата на другите жени. Но јас го видов токму спротивното. И понатаму го гледам. Секако, напаѓаат и мажите, но, како што реков, најмногу има жени“, објаснува таа.
И покрај сето што го доживеала, Ердем нагласи дека е помирена со себе и дека го сака својот физички изглед. Таа посочи дека нејзина цел е луѓето што се во слична ситуација да не се кријат и да имаат самодоверба.
„Многу сум среќна со својот живот. Без разлика колку луѓето ме напаѓаат и колку зборуваат, јас сум многу задоволна од мојот живот. Многу се сакам себеси. Обожавам каква што сум. Го сакам својот изглед. Исклучително сум задоволна од него. Би сакала сите да бидат како мене. Тоа ми е целта и на овој начин сакам да придонесам за подигнување на свеста во општеството“, рече Ердем.