Gülseli Kenarlı
02 Април 2022•Ажурирај: 04 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) – Агенција Анадолија ја отвори својата редакција за животна средина со цел да ја подигне општествената свест за климатските промени и еколошките прашања.
Редакцијата ќе споделува специјални вести, детални анализи во однос на состојбата со климата со цел да стане водечка новинска агенција во светот на ова поле.
„Редакцијата за животна средина, што е отворена во рамките на зелената агенда на Агенција Анадолија, ќе ги следи случувањата низ светот на ова поле со своите уредници експерти и репортери. Нашата долгорочна цел е да станеме водечка новинска агенција во светот на полето на климатските промени и еколошките прашања“, рече претседателот на Управниот одбор и генерален директор на Агенција Анадолија, Сердар Караѓоз.
„Во согласност со оваа цел, преку користење нови медиумски алатки, ќе ја подигнеме свеста на глобално ниво со претставување и на проблемите и на предлозите за решенија на полето на глобалното затоплување, климатските промени и животната средина“, истакна Караѓоз.
Редакцијата со седиште во Истанбул наречена „Зелена линија“ се занимава со многу прашања од областа на животната средина, како што се климатските промени, глобалното затоплување, загадувањето, нула отпад, рециклирањето, одржливоста и зелената енергија.