Агенција Анадолу, основана на 6 април 1920 година по директива на Мустафа Кемал Ататурк за време на турската Војна за независност со цел информирање на јавноста за провокациите и известување за одлуките што се носат при националната борба за независност, денес слави 106-годишнина.
Основањето на Анадолу се случува во клучен момент, пресвртницата во Турската војна за независност.
По де факто окупацијата на Истанбул, интелектуалците Јунус Нади (Абалиоглу) и Халиде Едип (Адивар), кои патувале во Анадолија за да се вклучат во отпорот, по пристигнувањето во Анкара, идниот главен град на Република Турција, на железничката станица „Гејве-Ахисар“ (Памукова) дошле до идејата за основање новинска агенција.
Размислувајќи за името на агенцијата и разгледувајќи опции како „Турк“, „Анкара“ и „Анадолија“, тие постигнале согласност за името „Агенција Анадолу“.
Според Јунус Нади, идејата му била претставена на Мустафа Кемал-паша (подоцна Ататурк) вечерта на 4 кон 5 април 1920 година во училиштето „Зират“, кое тогаш служело како негов штаб, а денес е Генерална дирекција за метеорологија во Анкара.
По разговорите таму, Анадолу официјално е основана на 6 април 1920 година.
На 8 април 1920 година низ земјата бил пратен историскиот указ потпишан од Мустафа Кемал, со кој е најавено основањето на агенцијата.
Во него е нагласено значењето на информирањето на домашната и меѓународната јавност за тековната борба.
Во указот, напишан на османлиски турски јазик, се нагласувало дека поради окупацијата на империјалниот центар и сериозната закана за нацијата, неопходно е муслиманското население да биде навреме и точно информирано за случувањата во Анадолија и Румелија.
Во таа насока било истакнато дека новоформираната новинска агенција Анадолу ќе работи под надзор на специјален комитет од овластени лица, а нејзините известувања, базирани врз проверени извори, треба да бидат широко доставени, поставени на јавни места, да се печатат и доставуваат дури и до селата.
Основaњето на агенцијата предизвикало голем ентузијазам низ Анадолија, каде што населението внимателно ги следело настаните поврзани со националната борба и Владата во Анкара.
По објавувањето на указот, во Анкара пристигнале голем број телеграми со честитки од различни делови на земјата, во кои се изразувала подготвеност за поддршка во дистрибуцијата на билтените на агенцијата.
Анадолу ги започнала своите активности во една просторија во училиштето „Зират“.
Основачите Јунус Нади и Халиде Едип работеле во особено тешки услови, а подоцна им се придружил и прaтеникот од Истанбул, Али Риза Беј.
И покрај тешките услови, Анадолу ги објавила првите вести на 12 април 1920 година.
Во првиот билтен била опишана состојбата во земјата, како и мисијата на агенцијата, обезбедување точни информации и нивна широка дистрибуција.
Билтенот содржел домашни и меѓународни вести и повикал вестите да се објавуваат во телеграфските канцеларии, да се печатат каде што е можно и да се доставуваат до сите административни нивоа, вклучително и до селата.
Анадолу му придавала големо значење на тоа нејзините вести да стигнат до сите делови на земјата.
Во раниот период било одлучено да се објавуваат најмалку два билтена дневно.
Со указот од 18 април 1920 година Мустафа Кемал-паша го опишал секое занемарување при доставувањето на билтените како „злосторство кон татковината“.
Во друг указ од 5 мај 1920 година наложил да се користат сите можни средства за да се обезбеди билтените да стигнат дури и до најоддалечените области, како и истрага за евентуални доцнења.
Биле преземени мерки вестите на агенцијата да стигнат и до воените единици на фронтот.
Истовремено, билтените биле доставени и до печатот во Анадолија, со цел зајакнување на отпорот против окупациските сили и нивната пропаганда.
Билтените на агенцијата, кои содржеле официјални изјави од Владата во Анкара, клучни меѓународни настани, предупредувања за јавноста, вести од Големото народно собрание (Парламентот) и од линиите на фронтот, како и одговори на непријателската пропаганда, пополниле огромна празнина, и може да се каже дека отворија втор фронт во име на националната борба што може да се нарече печатен медиум.
Анадолу, рангирана меѓу највлијателните и најпочитуваните новински агенции во светот, ги информира своите претплатници за настаните од најкритичните светски жаришта во реално време, издвојувајќи се со известување од ризични подрачја и силна визуализација.
Агенцијата објавува содржини на 13 јазици, турски, англиски, арапски, руски, француски, шпански, сорани (дијалект на курдскиот јазик), персиски, босански, албански, македонски и курманџи (северен дијалект на курдскиот јазик) и функционира 24 часа дневно преку глобална мрежа на дописници.
Покрај овие јазици, агенцијата неодамна отвори и канал на социјалните медиуми на турски знаковен јазик наречен „Рацете зборуваат“ (Eller Konusur) за да се олесни брз и лесен пристап до сигурни вести за лицата со оштетен слух.
Овој канал е достапен на американската платформа на социјални медиуми Инстаграм како @aa.isaret и на турската платформа на социјални медиуми NSosyal како @aa_isaret.
Со 84 канцеларии во Турција и 38 во странство, Анадолу продолжува да го шири своето меѓународно присуство, соработувајќи со 49 светски новински агенции под мотото „Гласник за светот што се менува“.
Во рамките на својата глобална мисија, агенцијата разви и специјализирани платформи, како „Зелена линија“, „Линија за верификација“ и „Линија против дискриминација“.
„Зелена линија“ се фокусира на климатските промени и еколошките прашања, нудејќи бесплатни содржини за оваа тематика.
„Линија против дискриминација“ обработува теми поврзани со расизам, родова нееднаквост, говор на омраза и ксенофобија, а „Линија за верификација“ активно се бори против дезинформациите преку проверка и анализа на вести во традиционалните и социјалните медиуми.
news_share_descriptionsubscription_contact
