ИСТАНБУЛ (АА) - Шефот на Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател, Фахретин Алтун, изјави дека Турција под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган се соочува со разни обиди за блокада, само затоа што презема самостојни чекори во многу области, од економијата до одбранбената индустрија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во овој момент сметаме дека за објективното новинарство е проблематично тоа што некои од глобалните медиумски куќи константно дејствуваат водени со идеолошка пристрасност за да ја шират перцепцијата против Турција и Реџеп Таип Ердоган“, изјави Алтун во обраќањето на церемонијата за доделување сертификати за учесниците на курсот по турски јазик наменет за персоналот на меѓународните медиуми.
Часовите по турски јазик беа организирани во соработка помеѓу Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател и Институтот „Јунус Емре“.
Честитајќи им на учесниците кои успешно ја завршија наставата, Алтун рече дека верува оти познавањето на турскиот јазик што го стекнале, многу ќе придонесе за нивниот професионален и социјален живот во Турција.
Тој истакна дека учењето нов јазик е исклучително важно кога е во прашање новинарската професија, а дека во денешно време тоа дури станало составен дел од новинарството.
Додаде дека особено ги цени напорите на вработените во меѓународните медиумски куќи во земјата кои го познаваат турскиот јазик и кои можат да ги следат настаните во Турција на јазикот на земјата во која работат и живеат.
Како што рече, вистинските и посветени новинари може да се опишат како „луѓе што ги посветиле своите животи за да ни помогнат да го разбереме светот“.
Тој посочи дека денес може да се види и како брзо се шират разни дезинформации, односно лажни, неточни и злонамерни информации во различни делови на светот, како и во Турција.
„Времето во кое живееме се претвори во ера во која лагите, всушност, можат да се шират многупати побрзо од реалноста. Ова со себе носи опасност од „фалсификување на вистината“. Во ерата на „поствистината“ во која живееме, секојдневно сме сведоци за страшни примери на дезинформации, особено со користење на социјалните мрежи во злонамерни цели. Гледаме дека кампањите за дезинформации на социјалните мрежи сериозно го загрозуваат општествениот живот и демократијата, виктимизираат многу различни сегменти од општеството и поттикнуваат дискриминација, расизам и ксенофобија. Во борбата против дезинформациите од голема важност е новинарите да се занимаваат со својата професија крајно одговорно. Во овој момент, вистинските новинари се најважни актери во борбата против дезинформациите, бидејќи ја застапуваат вистината и се борат за вистината“, изјави Алтун.
Тој додаде дека медиумите имаат, како што рече, света должност во откривањето на вистината и отстранувањето на лажни и неточни информации.
„Меѓутоа, за жал, сведоци сме и дека самите медиуми можат да бидат алатка за ширење дезинформации и лаги за злонамерни цели. И нашата земја е многу погодена од овие злонамерни медиумски активности. Во моментов постапуваме многу интензивно, ја кажуваме вистината против некои дезинформации. За жал, интензивниот интерес на меѓународните медиуми за Турција и нашиот претседател често не е поттикнат од потрагата по вистината и вистинските новинарски мотиви“, рече Алтун.
Нагласувајќи дека овие проценки не се однесуваат на сите глобални медиуми и странски новинари, Алтун изјави дека имаат одлична соработка со многу припадници на меѓународните медиуми.
Тој изрази благодарност до сите новинари кои се однесуваат со професионална етика и се занимаваат со новинарство така што секогаш ја имаат предвид правната и општествената одговорност на текстовите кои ги потпишуваат.
news_share_descriptionsubscription_contact
