Во археолошкиот локалитет Аспендос во Анталија откриена улица стара речиси 2.000 години
- Во рамките на ископувањата се откриени околу 300 метри од античкиот пат што го поврзувал театарот со акрополот, како и значајни археолошки наоди...
Süleyman Elcin
21 Јули 2026•Ажурирано: 21 Јули 2026
photo: Kasım Sakallı / AA
АНТАЛИЈА
Во античкиот град Аспендос, во турската медитеранска област Анталија, археолозите открија речиси 2.000 години стар пат што ги поврзувал античкиот театар и акрополот, јавува Анадолу.
Ископувањата во Аспендос, еден од најзначајните антички градови во крајбрежниот регион Памфилија, се спроведуваат од 2022 година под раководство на археологот Мустафа Билгин од универзитетот „Афјон Коџатепе“, а добија нов интензитет во рамките на проектот „Наследство за иднината“ на Министерството за култура и туризам на Турција.
Во рамките на ископувањата се откриени околу 300 метри од античкиот пат што го поврзувал театарот со акрополот, како и значајни археолошки наоди, меѓу кои добро зачувана пекарница, јавни објекти, станбени куќи, грандиозна порта и напредни инфраструктурни системи.
Билгин во изјавата за Анадолу рече дека античкиот град, кој досега бил познат, пред сѐ, по театарот и аквадуктите, наскоро ќе им понуди на посетителите ново искуство преку грандиозните градби на акрополот.
Фотографија : Kasım Sakallı/AA
Посочувајќи дека по две години ископувања работите на Театарската улица се при крај, Билгин изјави:
„Посетителите сега ќе може да пешачат од театарот до акрополот по античкиот пат. Во антиката ова била една од најпрометните градски сообраќајници во Аспендос. По должината на улицата во голема мера откривме јавни објекти, станбени куќи и грандиозна порта.“
Тој додаде дека надвор од источната градска порта е идентификувана источната некропола на античкиот град, при што откриениот гроб од класичниот период потврдува дека просторот се користел како гробишта уште од крајот на V век пред нашата ера.
- Откриени феникиска монета и стаклени шишенца за парфем -
Билгин истакна дека при ископувањата на Источниот плоштад биле откриени остатоци од објект со мозаик, како и значајни инженерски решенија на античката улица.
„Улицата е широка меѓу три и пет метри. Под неа откривме и канализациски систем длабок околу еден метар. Благодарение на начинот на кој камената калдрма е поставена во согласност со наклонот на теренот, површината не се поместила и покрај земјотресите“, рече тој.
Билгин додаде дека ископувањата обезбедиле и значајни докази за трговскиот живот во Аспендос, меѓу кои феникиска монета и локално произведени стаклени шишенца за парфем, пронајдени во двокатни продавници и комплекс со стоа (покриен трем).
Според него, овие наоди сведочат за трговските врски на Аспендос со Источниот Медитеран, вклучително и со древна Сирија и Палестина, додека откриената пекарница нуди важни сознанија за секојдневниот живот и архитектурата во антиката.