Murat Özgür Güvendik
21 Септември 2020•Ажурирај: 22 Септември 2020
АНКАРА
Во соработка на Агенција Анадолија (АА) и турската Агенција за соработка и координација (ТИКА), започна онлајн програма за Основна обука за хуманитарно известување, што се организира во рамки на програмата на ТИКА за обука на репортери.
Програмата се организира преку видеоконференција од страна на Канцеларијата за обука на ТИКА, и во неа учествуваат медиумски претставници од различни земји во светот.
Директорот на Академијата за вести на АА, Џихангир Ишбилир, во своето обраќање на отворањето на програмата истакна дека Академијата за вести на АА организира специјални програми за обука, со цел обучување на новинари - експерти во повеќе области, и дека Обуката за хуманитарно известување е реализирана во овие рамки.
Ишбилир рече дека медиумите се еден од најважните прстени на хуманитарниот синџир, но според него, кога се прават вести за војна или за природни катастрофи, потребно е да се внимава на некои етички правила.
„Како може да се спречи медиумите да бидат алатка за манипулација на господарите на војната, политичари, и на тие што ја злоупотребуваат хуманитарната помош? На што треба да внимаваат новинарите кога прават вести за хуманитарна помош и пренесуваат фотографии и видеоснимки? Можно е да се размножат прашањата од ваков тип. Ние на нашата обука ќе бараме одговор на вакви и слични прашања, и ќе се обидеме да ги откриеме принципите и правилата на хуманитарното известување“, нагласи Ишбилир.
Меѓу другото, шефот на Одделот за надворешни односи и партнерства на ТИКА, Угур Танјели, нагласи дека ТИКА од 2017 година организира медиумски обуки на кои учествувале над 700 медиумски претставници од над 40 земји.
Според Танјели, одблизу сведочат на моќта на медиумите во 21 век, а Обуката за хуманитарно известување е подготвена земајќи ги предвид искреното известување и принципите на медиумската етика.
„Во денешницата кога се зголемува важноста на истражувачкото новинарство и новинарството засновано на податоци, привлекува внимание оној вид на новинарство што ги погодува човечките приказни и навлегува во деталите на случајот. Затоа, верувам дека хуманитарното известување има капацитет да го пополни вакуумот во оваа област“, додаде Танјели.
- „Хуманитарната помош ја следи вашата камера и вашите приказни“
Заменик генералниот директор на турската Црвена полумесечина, Алпер Кучук, кој учествуваше во програмата како гостин говорник, истакна дека на организациите што работат во областа на хуманитарната помош им требаат медиумите за да ги пренесат своите пораки, правилно да ја информираат јавноста и да ги бранат правата на тие што имаат потреба.
„Понекогаш фотографијата може да спаси животи на милиони луѓе или може јасно да ги прикаже трагедиите што ги доживеале луѓето, како што е бебето Ајлан, кое длабоко го потресе светот со своето безживотно тело. Ако треба да бидам попрецизен, хуманитарната помош ја следи вашата камера и вашите приказни. Сигурни сме дека кога вашиот фотоапарат ќе го свртите кон хуманитарна криза или природна катастрофа, ќе можеме да доставиме помош до многу повеќе луѓе таму.“
Истакнувајќи дека за време на неговото 15-годишно искуство во хуманитарната помош секогаш добивал поддршка од новинарите што работат на ова поле, Кучук рече дека постои празнина во областа на хуманитарната помош, која треба да се пополни во светските медиуми.
На првиот ден од програмата, на која присуствуваа 55 учесници од различни земји, А. Цихангир Ишбилир одржа предавања на тема „Известување за кризи и решенија за конфликти“, додека Енес Џанли, дописникот на АА за Блискиот Исток, одржа предавање на тема „Човечки приказни и одговорно новинарство“.
На вториот ден од програмата, Халил Ибрахим Озги, советник на генералниот претседател на турската Црвена полумесечина, ќе одржи обука на тема „Хуманитарна помош и хуманитарна дипломатија“, а фоторепортерот на АА, Есра Хаџиоглу, на тема „Човечки приказни и известување за хуманитарната помош“.