Ali Ballı
02 Септември 2021•Ажурирај: 04 Септември 2021
МУГЛА (АА) - Денеска се одбележува шестата годишнина од потонувањето на гумениот чамец во кој животот го загубија пет лица, вклучувајќи го и тригодишното сириско дете Ајлан Курди, чие безживотно тело беше пронајдено на плажа во Турција, а таквата глетка ја потресе светската јавност, јавува Агенција Анадолија (АА).
Детето било на чамецот со 14 нерегуларни мигранти.
Одбележувањето на годишнината се одржа на плажата Фенер Бурну, во турскиот крајбрежен град Бодрум, каде што локалните жители го пронајдоа неговото тело.

Говорејќи за АА за време на комеморацијата оваа година, Омер Сарикаја, кој го сними филмот „Бебето Ајлан“ (Aylan Baby), за да ја расветли судбината на бегалците, изјави дека ова што се случило е срам за хуманоста и дека тие организирале меморијална служба за светот да може да го види овој срам.
„Оттогаш ништо не се промени“, рече Сарикаја, додавајќи: „за мене ова е срамот на ОН. Илјадници, можеби десетици илјади бебиња како Ајлан, за жал, ги загубија животите во овие мориња од тој ден. Се надеваме дека светот нема да замижи пред ова и дека такво нешто никогаш нема да се повтори.“
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.
Во текот на изминатата деценија, околу половина милион луѓе загинаа, а повеќе од 12 милиони мораа да ги напуштат своите домови