Ердоган: Бројот на Сиријци кои од Туркије се вратија дома од декември досега достигна 200.000
„И покрај тоа што главно политиката на западните сили ги принудува луѓето да мигрираат, не гледате ниту еден од нив кога станува збор за споделување на товарот“

ИСТАНБУЛ (АА) – Бројот на Сиријци кои се вратија во својата татковина од Туркије од 9 декември минатата година достигна 200.000, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
„И покрај разните потешкотии, пречки и саботажи“, Сирија полека се опоравува, рече Ердоган во обраќањето на настанот за менаџирање со миграциите во Туркије, во рамките на „Столетието на Туркије“.
„Додека Сирија се опоравува, бројот на повратници почна да се зголемува“, изјави турскиот претседател.
Башар ал-Асад, кој владееше со Сирија речиси 25 години, избега во Русија во декември, со што заврши повеќедецениското владеење на партијата Баас, кое започна во 1963 година.
Кон крајот на јануари беше формирана преодна администрација, со што беа распуштени стариот Устав, безбедносните служби, вооружените фракции, парламентот и партијата Баас.
Нагласувајќи дека во моментов има над 281 милион мигранти низ целиот свет според податоците од Меѓународната организација за миграција, Ердоган додаде дека бројот на работници мигранти изнесува над 165 милиони.
Тој рече дека бројот на бегалци достигнал 120 милиони во последните три или четири години поради последиците од војните, и додаде: „Повторно, податоците покажуваат дека најмалку 20 луѓе се принудени да мигрираат секоја минута поради конфликти, угнетување или тероризам“.
Нагласувајќи дека 3,6% од населението на светот моментално живее како мигранти, Ердоган истакна дека овие стапки експоненцијално се зголемуваат кога војните се одолговлекуваат, кога кризите не се решаваат и кога влијанијата на климатските промени се продлабочуваат.
„И покрај тоа што главно политиката на западните сили ги принудува луѓето да мигрираат, не гледате ниту еден од нив кога станува збор за споделување на товарот“, додаде турскиот претседател, наведувајќи дека 75 од секои 100 бегалци во светот не се згрижени од богати земји, туку од земји со ниски и средни приходи.
За време на 13-годишната граѓанска војна во Сирија, Туркије беше домаќин на околу 4 милиони Сиријци, повеќе од која било друга земја во светот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.