Jeyhun Aliyev
26 Ноември 2019•Ажурирај: 26 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека во антитерористичката операција „Извор на мирот“ во северна Сирија досега се неутрализирани 1.230 терористи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи за новинарите кои патуваа со него во авионот по состаноците во Катар, Ердоган изјави дека борбата на Турција против тероризмот досега немала определен распоред.
„Не е можно да се даде каков било датум во вакви воени операции“, изјави тој, осврнувајќи се на операцијата „Извор на мирот“ источно од реката Еуфрат.
Турските сили на 9 октомври ја започнаа операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите на ЈПГ/ПКК во северна Сирија, источно од реката Еуфрат, со цел обезбедување на турската граница и формирање безбедносна зона за доброволно враќање на сириските бегалци во тоа подрачје.
Турција и Русија на 22 октомври во Сочи постигнаа договор за привремено прекинување на турската операција, со цел повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК од пограничниот појас на Сирија. Договорено е турските и руските сили заеднички да патролираат во тоа подрачје, а првата ваква копнена патрола беше реализирана на 1 ноември на подрачјето помеѓу Рас ал Ајн и Камишли.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.