Zafer Fatih Beyaz,Sarp Özer
14 Април 2022•Ажурирај: 15 Април 2022
ХАКЌАРИ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, придружуван од министерот за одбрана Хулуси Акар и командниот врв, приреди изненадна посета и присуствуваше на заедничкиот ифтар со војниците од 3-та Пешадиска дивизија во Јуксекова, која постигна забележителни успеси во борбата против тероризмот во југоисточна Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
По пристигнувањето во Командата, Ердоган беше пречекан од началникот на Генералштабот на Турската армија, генерал Јашар Ѓулер, командантот на Копнените сили, генерал Муса Авсевер, командантот на Морнарицата, адмирал Аднан Озбал и командантот на Воздухопловните сили, генерал Хасан Кучукакјуз.
Поздравувајќи ги војниците, Ердоган, придружуван од ресорниот министер Акар, започна со молитва и ифтар со воените команданти и војници.

Тоа беше ненајавена посета која беше внимателно планирана во рамките на командниот врв на Турската армија, а во делегацијата на Ердоган беа и шефот на Дирекцијата за комуникации Фахретин Алтун и шефот на Кабинетот Хасан Доган.
Ердоган по тој повод носеше капут со претседателски обележја и капа на која пишуваше „Претседател“.
По добиените информации за активностите на Армијата, Ердоган, придружуван од министерот Акар и командното ниво на Турските вооружени сили ги посети и занаетчиите во Јуксекова.
Граѓаните беа видно изненадени кога пред себе го видоа претседателот на државата кој беше во посета на слаткарница во една од улиците.
Турскиот министер за национална одбрана Акар имаше краток поздравен говор пред ифтарот.
„Нашите сили ја продолжуваат својата борба без да се откажат и да се осврнат на денот, ноќта и условите на теренот. Ние се бориме со целото наше постоење, со сето наше херојство, со сета наша жртва, ако сакаме да го спасиме нашиот благороден народ од терористичката чума што нè мачи 40 години. Ние се бориме со разбирањето што ни ја дава титулата 'маченик' ако умреме и титулата 'газија' ако останеме живи“, рече Акар.