Ferdi Türkten
30 Април 2019•Ажурирај: 01 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција го осудува обидот за пуч во Венецуела, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Турција, која и самата ги почувствува негативните последици од воените удари и која се бореше против воените удари, го осудува обидот за пуч во Венецуела. Целиот свет ќе мора да го почитува демократскиот избор на граѓаните на Венецуела“, истакна Ердоган преку Твитер.
Тој додаде дека во демократиите гласачките кутии се оние кои на крајот одлучуваат.
„Оние кои се обидуваат на чело на Венецуела да постават гувернер како во постмодерна колонија мора да знаат дека на демократски избори се решава како ќе се управува со една земја“, додаде тој и потсети дека претседателот на Венецуела на власт е дојден со помош на демократски избори.
Да потсетиме, венецуелскиот претседател Николас Мадуро го повика населението на улица за да ја заштити својата татковина и уставниот поредок.
„Командантите изразија посветеност на Уставот. Го повикувам народот на улица да ја штити татковината и уставниот поредок“, наведе Мадуро преку социјалните мрежи.
Американската администрација даде целосна поддршка за обидот за пуч во Венецуела, предводена од Хуан Гвидо, кој се самопрогласи за привремен претседател.
Гваидо утрово објави видео порака снимена во воздухопловната база во Каракас, а околу него беа припадници на венецуелската војска и приведениот активист Леополдо Лопез. Во триминутното видео, Гваидо вели дека војниците што излегуваат на улиците ќе го штитат уставот на државата.
Ден пред најавените масовни антивладини протести, Гваидо рече дека дошол пресудниот час.
Венецуела е зафатена од протести од 10 јануари, кога претседателот Мадуро положи заклетва на функцијата за вториот мандат по изборите кои ги бојкотиташе опозицијата.
Напнатоста дополнително се зголеми кога опозицискиот лидер Гваидо на 23 јануари се самопрогласи за привремен шеф на државата, потег поддржан од страна на САД и многу европски и латиноамерикански земји. Русија, Турција, Кина, Иран, Боливија и Мексико го поддржаа венецуелскиот претседател Мадуро.