ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во врска со земјотресот што ја потресе Албанија, го повика целиот исламски свет да ја поддржи Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Ердоган имаше обраќање на отворањето на 35. министерска седница на Комитетот за економска и трговска соработка при Организацијата на исламска соработка (COMCEC), при што го изрази своето големо задоволство што има можност во Истанбул, во точката во која се среќават цивилизациите, континентите и културите, да ги пречека учесниците на состанокот кои пристигнале од различни делови од светот.
На почетокот на говорот Ердоган се осврна на ситуацијата во Албанија, која вчера беше погодена од силен земјотрес, во кој, според последните информации, загинаа 26 лица.
Истакна дека од вчера двапати разговарал со албанскиот премиер Еди Рама и му пренел пораки со сочувство.
„Според синоќешните информации, во Албанија има 26 загинати и околу 600 повредени. Се разбира дека има и сериозни оштетувања во градовите. Нам ни следува да преземеме чекори за донаторска седница, бидејќи сметам дека во оваа ситуација, потребно е да застанеме покрај Албанија. Потребно е и нашата организација [Организацијата на исламска соработка] да ја преземе својата должност. Верувам дека чекорите што ќе ги направиме ќа бидат од голема корист. Во исто време, тоа е и наша братска должност“, нагласи турскиот претседател.
Тој рече дека Турција најитно, со карго воени авиони, за Албанија испрати екипи на Црвената полумесечина и на Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
„Едноподруго нашите конвои со помош продолжуваат да одат за Албанија. Верувам дека во текот на денот ќе тргнат и шлеперите со хуманитарна помош. Многу добро ја разбираме болката што ја преживува Албанија, земја која на повеќепати била жртва на земјотреси. Во овие моменти потребно е сите да бидеме покрај Албанија, ако е потребно околу лекувањето на повредените, ако е потребно околу згрижувањето на лицата кои останале без своите домови или чии домови се оштетени. Јас од оваа говорница преку вас го повикувам сиот исламски свет да ја поддржи Албанија.“
- „Нашите природни извори ги збогатуваат западните земји“ -
Турскиот претседател истакна дека исламскиот свет се соочува со голем број закани, почнувајќи од внатрешнотерористичките судири до секташкиот фанатизам, за кои рече дека се нови закани кои им се придаваат на веќе постоечките, како што е засилувањето на непријателството кон исламот и непријателството кон странците.
Ердоган нагласи дека особено им е отежнато да живеат во согласност со своите верувања на оние кои како малцинства живеат во други земји.
„За жал, земјите во кои најмногу се чувствува неправдата околу гладта, сиромаштијата, сушата и приходите, повторно се исламските земји. Од 54 земји од светот во кои се чувствува дефицитот на храна, 28 се земји членки на Организацијата на исламска соработка (OIC). Додека како исламски земји претставуваме 24% од светската популација, на полето на глобалната трговија заземаме само 9,7%. Делот од извозот на високотехнолошки производи не достига ниту 4%“, истакна Ердоган и порача:
„Природните богатства што ни се дадени од Господ ги збогатуваат западните земји, а не нашите народи. Бидејќи земјите од исламскиот свет не стојат една покрај друга како тули залепени за столб, многу лесно се манипулира со нив. И покрај економската моќ што ја поседуваме, населението и можностите, бидејќи не можеме да се најдеме околу заеднички именител, нашиот збор не се слуша доволно на меѓународната сцена“, заклучи турскиот претседател.
Ердоган рече дека кога станува збор за исламските простори, главно се забележува болка и судири.
„Станува збор за огромна маса од 1,7 милијарда луѓе, чија енергија се троши на вештачка агенда. Во трговијата со западното оружје главно се пролева муслиманска крв. Жртвите на навидум исламски терористички организации кои во името на исламот масакрираат луѓе, повторно се претежно муслимани. За жал, денес нема поевтина стока од муслиманската крв или живот“, рече турскиот претседател.
Нагласи дека еден милион Сиријци се загинати од барелни бомби, што за некого претставува само статистички податок.
„Освен неколку држави и организации, никој не е загрижен за драмата на децата во Јемен кои од глад се само коска и кожа. За малите деца убиени од негрижа додека играле со топка на брегот на Газа, освен од ОН, не е објавено од ниту една организација. Од Сомалија до Авганистан, Либија, каде и да погледнеме, се соочуваме со слични болки и слични драми.“
Кога станува збор за муслиманите, Ердоган рече дека загинатите, прогонуваните и оние што страдале, не се гледаат како единка, туку само како кадар од фотографија.
„Се разбира дека голема улога во овој двоен стандард имаат неспособноста на институциите како што е Советот за безбедност кој има должност да ги одржува глобалниот мир и стабилност. Овие структури, наместо правдата и правичноста да ја држат на нозе, донесуваат одлуки кои се во интерес и според волјата на петте постојани членки“, заклучи турскиот претседател.