Selen Temizer,Sinan Polat
27 Ноември 2015•Ажурирај: 27 Ноември 2015
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во врска со соборувањето на на рускиот авион кој го наруши турскиот воздушен простор рече дека Турција не е таа која треба да се извини поради она што се случило, јавува Anadolu Agency (AA).
"Ние не сме од оние кои во овој случај треба да се извинат. Треба да се извинат оние кои го нарушиле нашиот воздушен простор. Пилотите на нашите вооружени сили ја извршија својата должност", рече Ердоган.
Турскиот претседател во ексклузивно интервју за CNN истакна дека за се што се случило постојат тонски записи.
"Во врска со тоа постојат тонски записи. Ние тие тонски записи веќе два дена преку телевизиите ги праќаме во целиот свет. На записите може да се слушне дека во тек на пет минути 10 пати е издадено предупредување. Покрај тоа, никој не одговори на предупредувањата. Покрај предупредувањата, тие влегуваат во турскиот воздушен простор. Сето тоа го откри и радарот. На светот сето тоа му е прикажано и на картите. Тука се работи за период од 17 секунди. Во период од 17 секунди двата авиони доаѓаат еден позади друг. Меѓу нив растојанието е 1,7 милји. Не е познато на која земја и припаѓаат. Откако овие влегоа во турскиот воздушен простор, авионот кој се наоѓаше напред повторно прими предупредување, бидејќи нашите два авиони Ф-16 веќе се во лет. Тој авион се враќа во Сирија, а вториот, кој не го напушти воздушниот простор на Турција, го погодија нашите авиони" , нагласи Ердоган. Потсети дека руските воени авиони и порано го нарушувале турскиот воздушен простор, додавајќи дека на самитот Г20 во Анталија, на рускиот претседател Владимир Путин му кажа дека Турција е вознемирена поради таквите случувања.
На констатацијата дека постојат одредени тврдења дека Турција намерно го предизвикала спомнатиот инцидент со Русија, Ердоган рече дека Турција нема никакви зли намери кон таа земја.
"Апсолутно е невозможно дека односите со Русија намерно ги доведовме до точката на прекинување. Ваквите тврдења ги сметам за емотивни и никако не ги сметам за исправни. Никако не можеме да имаме зли намери кон Русија", истакна турскиот претседател.
На прашањето да ја прокоментира изјавата на Путин по соборување на рускиот авион во која рече дека "Турција е соработник на терористите" , Ердоган одговори дека не знае дали Путин тоа воопшто го кажал.
"Не знам дали господин Путин го користел зборот "соработник на терористите." Ако Путин зборува дека ние сме во соработка со ДАЕШ, прави голема грешка. Ние сега можеме да речеме нешто потполно спротивно. За што се работи? Русија во Сирија не води борба против ДАЕШ. Спротивно, ја напаѓаат умерената опозиција. Во тек на месец-месец и пол убиени се близу 300 лица од редовите на опозицијата" , рече Ердоган.
На крај напомена дека било каков напад на Турција, истовремено би значел и напад на НАТО.
" Според тоа, нашата соработка со НАТО е неспорна. Затоа, секако, НАТО би го направил она што е потребно", истакна турскиот претседател за CNN.