Mehmet Tosun
01 Ноември 2021•Ажурирај: 02 Ноември 2021
АНКАРА
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, коментирајќи ја средбата со претседателот Џо Бајден во Рим, порача дека за време на преговорите околу авионите „Ф-16“ не забележал негативен став од другата страна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган по враќањето од Рим, каде што учествуваше на Самитот на лидерите на Г20, одговараше на прашањата на новинарите во авионот. Главна тема беше секако средбата со американскиот колега Џо Бајден.
„Преговаравме за набавка на авионите Ф-16 и не забележав негативен пристап. Се надеваме на финализирање на оваа тема, чувствителна за вкупните односи“, изјави Ердоган.
Тој додаде дека за време на средбата зборувале и за други значајни теми.
„Освен соработката за прашањата за Авганистан, Сирија, Либија, Средоземното Море, одлучивме да ги интензивираме и нашите економски односи“, изјави Ердоган.
Говорејќи и за поддршката на САД за терористичките организации, Ердоган порача:
„Нашиот партнер, со кој сме сојузници во НАТО, не би требало да се впушта во такво нешто.“
Ердоган се осврна и на прашањата за започнување операции надвор од границите на Турција, што претходно го најавуваше.
„Прекуграничните антитерористички операции секако ќе бидат извршени во свое време, а од тоа нема отстапување“, повтори Ердоган.
Во контекст на борбата против тероризмот, Ердоган додаде:
„Додека пред нас стои терористичката организација ПКК/ПЈД/ЈПГ, ќе направиме сè што е потребно. Нема да правиме компромиси по тоа прашање.“
Ердоган, по посетата на Рим, требаше да го продолжи патот за Глазгов, каде што се одржува 26. Конференција за климатски промени на ОН. Тој одговори и зошто се откажал од ова патување.
„Поради неисполнување на барањата на Турција се откажавме од патот во Глазгов. Тоа не е прашање само за безбедноста, туку и за угледот на нашата држава“, порача турскиот претседател Ердоган.
Говорејќи дека за време на средбата со Бајден зборувале и за напнатостите во Средоземното Море, Ердоган ги прокоментира и наводите за воспоставување база во грчки Александрополис:
„Им кажав на Бајден и Макрон дека воспоставувањето на такви бази сериозно нѐ вознемирува.“
Ердоган кратко се осврна и на подготвувањето на турската вакцина против коронавирусот (TURKOVAC).
„Кога до крајот на оваа година ќе тргнеме во производство, ние ќе ја споделиме вакцината со светот без љубомора, ќе дадеме порака - вие тоа не го направивте, но ние го правиме“, изјави Ердоган.