Турција

Ердоган и Ал Тани разговараа за израелските напади врз Палестина и заканите за Либан

Tурскиот претседател предупреди на опасноста од ширење на израелските напади во регионот и порача дека меѓународната заедница, особено исламскиот свет, треба веднаш да преземе чекори за да го запре Израел

Zafer Fatih Beyaz  | 04.07.2024 - Обновена : 04.07.2024
Ердоган и Ал Тани разговараа за израелските напади врз Палестина и заканите за Либан

АСТАНА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска разговараше со катарскиот емир Шеик Тамим бин Хамад ал Тани за израелските напади врз Палестина, израелските закани за Либан, турско-катарските односи и други регионални и глобални теми, јавува Анадолу.

Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Туркије соопшти дека Ердоган и Ал Тани се состанале во Астана на маргините на 24. Самит на шефови на држави на Шангајската организација за соработка (ШОС).

Во соопштението се наведува дека турскиот претседател Ердоган предупредил на опасноста од ширење на израелските напади во регионот и порачал дека меѓународната заедница, особено исламскиот свет, треба веднаш да преземе чекори и да работи заедно за да го запре Израел.

Ердоган, исто така, рече дека е важно да се зголемат напорите за решавање на хуманитарната криза во Појасот Газа и за непречена испорака на помош во регионот.

Тој рече дека Република Туркије продолжува да ги зголемува своите напори на овој план.

Дводневниот самит на ШОС почна вчера во главниот град на Казахстан, каде Белорусија беше примена како десетта полноправна членка на организацијата.

Белорусија стана партнер за дијалог во ШОС во 2010 година, а статус на набљудувач доби во 2015 година.

Организацијата е основана во 2001 година во Шангај. На почетокот, собра шест земји, и тоа Русија, Казахстан, Киргистан, Кина, Таџикистан и Узбекистан. Индија и Пакистан се приклучија во 2017 година и Иран во 2023 година.

Авганистан и Монголија имаат статус на земји набљудувачи, а партнери во дијалогот се уште 14 земји, меѓу кои и Република Туркије.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.