Ilkay Guder
07 Февруари 2016•Ажурирај: 08 Февруари 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по повод Денот на непушачите, во вторник во претседателската палата ќе организира прием за над 250 луѓе од различни делови на земјата кои престанале да пушат, јавува Anadolu Agency(AA).
Меѓу поканетите, ќе има и 20 луѓе кои претседателот за време на својата турнеја низ земјата ги видел како пушат цигари а по разговорот со него тие одлучиле да ги остават цигарите засекогаш. Тој тогаш од нив побара на кутиите од цигари да си го напишат името и датумот.
„Кога ќе видам некој со кутија цигари во џебот или со цигара во раката, размислувам како да ги остави. Дури им барам и да ветат дека ќе ги остават. Кога ќе ми речат дека ќе ги остават, јас им велам, не кажувајте дека ќе ги оставите, туку дека ги оставате, а доколку некој тоа го изговори им велам да го напишат своето име и датумот на кутијата со цигари”, рече претседателот Ердоган, кој во 2010 година доби посебно признание за глобалната борба против пушењето.
Инаку, во Турција во 2008 година е донесен закон за забрана за пушење во затворени јавни простори. Покрај тоа, беше одлучено да се забрани рекламирањето на цигари и нивно прикажување на телевизија, засилени се обуките за зголемување на свеста за штетноста на цигарите, а построги се и казните за оние кои не ги почитуваат прописите.
Во Турција, во моментов, помалку од 27 отсто од луѓето постари од 15 години конзумираат цигари, но се очекува дека тој број до 2023 година да биде помал од 20 проценти.