Selma Kasap
05 Јуни 2022•Ажурирај: 06 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Туркије (Турција), Реџеп Таип Ердоган, упати порака по повод 5 Јуни, Светскиот ден на заштита на околината, известува Агенција Анадолија (АА).
„Турција, водена со сензибилитетот што нè научи нашата цивилизација, презеде и продолжува да презема чекори со цел да се спречи уништувањето на природата и го направи нашиот однос со природата многу важен“, рече Ердоган.
Тој додаде дека за иднината на човештвото исклучително е важен секој чекор направен за заштита на природата, за која истакна дека е меѓу најголемите придобивки на човештвото.
Ердоган потсети дека ширењето на индустријализацијата, напредокот на технологијата и факторите предизвикани од човечкото делување, имаат деструктивни последици врз природата и околината.
„Меѓутоа, не треба да се заборави дека претераноста во потрошувачките навики, безгрижниот однос кон околината и природата долгорочно најмногу му штетат на човекот. Од таа причина, како човештво, мораме итно да делуваме, да ги решаваме проблемите и да нудиме решенија“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека властите на Турција во изминатите 20 години реализирале многу проекти и инвестиции во областа на заштитата на природата и околината.
„Ги забрзавме нашите структурни промени во согласност со зелениот развој, како од аспект на законските измени, така и од аспект на конкретни проекти. Отсекогаш ги поддржуваме еколошки прифатливите политики, и бевме пионери во изградбата на градови комфорни за живот“, истакна турскиот претседател.
Ердоган додаде дека во изминатиот период ја започнале најголемата акција за пошумување во историјата на Република Турција, со цел да се зголеми шумската површина.
„Со прогласувањето на нашата цел од нулта нето-стапка на емисија за 2053 година, на светот му ја покажавме нашата посветеност и искреност за заштитата на природата. Продолжуваме со тенденцијата на идните генерации да им оставиме свет удобен за живот“, рече Ердоган и заклучи:
„По повод Светскиот ден на заштита на животната средина уште еднаш ги потсетувам нашите граѓани и целото човештво дека светот во кој живееме ни е даден на доверба, нам и на следните генерации, и затоа апелирам до сите да бидат чувствителни во врска со заштитата на животната средина и природа.“
Светскиот ден за заштита на околината се одбележува секоја година на 5 јуни, со цел да ги потсети луѓето дека не се сами на оваа планета и дека постои огромен биолошки екосистем кој на луѓето им овозможува да преживеат.
Генералното собрание на ОН го воведе првиот ден од Стокхолмската конференција за човековата околина како Светски ден за заштита на околината во 1972 година.
Обединетите нации овој ден го одбележуваат со цел да влијаат на зголемување на светската свест и работата за подобрување на околината. Овој ден го одбележуваат милиони луѓе и организации низ светот со цел да го споделат своето искуство, предизвици и решенија кога е во прашање заштитата на животната средина.