Diyar Güldoğan
29 Октомври 2022•Ажурирај: 29 Октомври 2022
АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес ја одбележа 99-годишнината од Денот на Република Туркије и вети дека ќе продолжи да работи на издигнување на земјата „над нивото на современата цивилизација“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Денес сите сме горди и возбудени поради одбележувањето на 99-годишнината од прогласувањето на Република Туркије“, истакна Ердоган во соопштението по повод празникот.
„Работиме деноноќно за да ја издигнеме Туркије дури и над нивото на современите цивилизации“, рече Ердоган, нагласувајќи дека земјата е основана под тешки услови и со платена висока цена.
Туркије сега е земја „чија демократија се зема како пример, чија економија остава силен впечаток, чија дипломатија внимателно се следи“, додаде тој.
„Во услови на зголемени глобални неизвесности, нашите напори фокусирани кон воспоставување стабилност и правда се ценети од сите. Работиме на создавање зона на мир и просперитет во нашата блиска околина со нашата претприемничка и хуманитарна надворешна политика, од ставање крај на хуманитарната трагедија во Сирија до донесување решение за руско-украинската криза“, рече турскиот претседател.
Тој нагласи дека Туркије постојано ја подига границата за успех во сите области, меѓу кои и одбраната, енергетиката, земјоделството, туризмот, транспортот и образованието.
„И покрај сите неправди и пречки со кои се соочуваме, ние, со осет на шаховски мајстор, ја поставуваме основата за нашите визии за 2053 и 2071 година“, додаде Ердоган.
Тој изрази почест и сеќавање на Мустафа Кемал Ататурк, кој ја основа Република Туркије во 1923 година.
„Во оваа прилика, уште еднаш со милост се сеќавам на Гази Мустафа Кемал (Ататурк), основачот на нашата Република, на сите наши херои кои ја крунисаа нашата Војна за независност со победа и на сите патриотски членови на Големото народно собрание.“
Турската војна за независност започна со доаѓањето на Ататурк во градот Самсун на Црното Море во 1919 година.
Ослободувањето на Анадолија од окупацијата отвори ново поглавје во турската историја, а младата република беше призната според Договорот од Лозана во 1923 година.
На 29 октомври 1923 година, Ататурк официјално го објави името на нацијата и го прогласи статусот на земјата како република.
Потоа се гласаше во Парламентот, Големото народно собрание, а Ататурк беше едногласно избран за прв претседател на Република Туркије.
Оттогаш, Туркије го одбележува Денот на Републиката секоја година на 29 октомври.