Sinan Uslu
14 Јуни 2018•Ажурирај: 15 Јуни 2018
РИЗЕ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, коментирајќи го гласањето во Обединетите нации (ОН) со кое е усвоена нацрт-резолуцијата за заштита на Палестинците, порача дека Соединетите Американски Држави (САД) уште еднаш доживеале разочарување, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нацрт-резолуцијата за заштита на палестинските цивили, на која САД претходно ставија вето во Советот за безбедност на ОН, во Генералното собрание на ОН (UNGS) е усвоена со 120 гласа за и 45 воздржани. Америка уште еднаш доживеа разочарување“, наведе Ердоган при телевизиско интервју во градот Ризе, во Турција.
Потсетуваме, во Генералното собрание на ОН вчера беше усвоена нацрт-резолуцијата која повикува на заштита на народот на Палестина.
Генералното собрание на ОН одржа вонредна седница на иницијатива на Турција, со поддршка на Алжир.
На вонредната седница беше разгледана нацрт-резолуцијата која повикува на заштита на Палестинците, која претходно во Советот за безбедност на ОН ја блокираше САД.
Резолуцијата е усвоена со 120 гласови за. Против беа осум земји, а 45 држави беа воздржани.
Со оваа резолуција се бара од генералниот секретар на ОН во најкраток можен рок да ја истражи постоечката ситуација, и во рок од 60 дена по усвојување на резолуцијата за која станува збор да поднесе писмен извештај за тоа што треба да се направи за заштитата, безбедноста и благосостојбата на палестинските цивили кои се наоѓаат под окупација на Израел, како и околу предлозите за меѓународните механизми за заштита.