Esra Tekin
29 Јуни 2026•Ажурирано: 29 Јуни 2026
Самитот на НАТО што ќе се одржи во Анкара на 7 и 8 јули ќе послужи како „најсилна платформа за споделување искуства“, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
Обраќајќи се на ручекот приреден во чест на претседателите на парламентите на земјите членки на НАТО во Истанбул, Ердоган истакна дека Анкара со сојузниците ја споделува својата „способност за управување со регионални кризи“, како и своето богато искуство во рамките на Алијансата.
Тој додаде дека Турција го зголемува издвојувањето за одбраната и се вбројува меѓу првите пет земји според придонесот во мисиите и операциите на НАТО, во согласност со заложбите преземени на самитот во Хаг во 2025 година.
Ердоган нагласи дека одржувањето на одвраќањето на НАТО и зајакнувањето на солидарноста меѓу сојузниците станале уште поважни во сегашните околности.
Тој повика на воспоставување „безусловна“ безбедносна и одбранбена мрежа низ целата Алијанса на НАТО, „протегајќи се од Тексас до Анкара“.
Коментирајќи ја војната меѓу Русија и Украина, Ердоган рече дека во наредниот период мора да се постигнат резултати за разрешување на конфликтот што трае од 2022 година преку дијалог.
Тој напомена дека палестинското прашање лежи во сржта на тензиите на Блискиот Исток и дека траен мир е невозможен сè додека не престане присвојувањето на земјиште од страна на Израел.