АНКАРА (АА) - Светските лидери на Самитот на Шангајската организација за соработка ја пофалија улогата на Туркије во деескалацијата на тензиите во руско-украинската војна, истакна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Речиси сите лидери со коишто се сретнав особено ни се заблагодарија за улогата што ја одигравме во намалувањето на тензиите во руско-украинската војна. Тие рекоа: „Навистина ја цениме и ви честитаме за вашата улога тука““, изјави Ердоган за новинарите во претседателскиот авион на пат од Самарканд, Узбекистан, за Њујорк.
Ердоган присуствуваше на Самитот на Шангајската организација за соработка како специјален гостин, на покана на узбекистанскиот претседател Шавкат Мирзијоев.
Туркије зеде учество на Самитот на претседателско ниво за прв пат по добивањето на статусот партнер за дијалог во Организацијата, во 2012 година.
Ердоган рече дека Туркије применува балансирана политика меѓу Русија и Украина од почетокот на војната во февруари.
„Се разбира, најважно е прашањето за коридорот за жито“, рече турскиот претседател, и додаде дека за ова прашање разговарал со рускиот претседател Владимир Путин на маргините на Самитот.
Ердоган рече дека се согласиле дека најмалку развиените земји треба да имаат корист од коридорот за жито, а не развиените.
Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул на 22 јули за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, кој беше прекинат по почетокот на руско-украинската војна.
Претходно, Ердоган ја повтори констатацијата на Путин, велејќи дека украинското жито се извезува во богатите земји, а не во оние на кои им е најпотребно.
„Во следниот процес се надевам дека ќе направиме овој коридор да функционира на најидеален начин“, порача Ердоган.
Прашан за ограничувањата за рускиот извоз на ѓубрива, Ердоган рече дека Туркије е во разговори со релевантните земји за сите видови производи (било жито или ѓубрива) кои доаѓаат и од Русија и од Украина.
„Ние од претходно ги преземавме чекорите за такви меѓусебни преговори и консултации, досега сè уште не се има појавено сериозна неискреност. На нашата средба со Путин се согласивме дека овој процес треба да продолжи со иста претпазливост“, додаде тој.
Путин вчера ги повика Обединетите нации (ОН) да извршат притисок на Европската Унија (ЕУ) да ги укине санкциите што го блокираат извозот на руски ѓубрива во земјите во развој. Тој рече дека Блокот ги олеснил ограничувањата за извоз на руски ѓубрива во Европа, но не го сторил истото и за земјите во развој надвор од континентот.
- Цел на Туркије е членство во Шангајската организација за соработка -
„Од своето основање, Шангајската организација за соработка помина сериозни растојанија на полето на безбедноста, економијата и трговијата и продолжи да се шири во овие рамки“, рече Ердоган.
По учеството на овогодинешниот самит на Шангајската организација за соработка како партнер во дијалогот, Туркије може да направи понатамошни чекори на Самитот во Индија во 2023 година, рече Ердоган, и додаде дека цел на Анкара е членство во Организацијата.
Тој нагласи дека Туркије е одлучна во понатамошниот развој на соработката со земјите од континентот на билатерално и мултилатерално ниво.
Основана во 2001 година, оваа осумчлена организација има за цел да ги зајакне пријателските, добрососедските односи и меѓусебната доверба меѓу земјите членки.
За широката застапеност во медиумите на неговата фотографија додека разговара со лидерите на маргините на Самитот, Ердоган рече: „[Азербејџанскиот претседател Илхам] Алиев ми го отстапи тоа место мене, а тој седна до мене. Бидејќи повеќето од нив знаат руски, преведувачот го преведуваше и тоа што го зборувавме ние на руски.
„Се разбира, сите тие навистина уживаа во нашиот разговор таму. Тоа беше добар момент.“
- Последните судири меѓу Азербејџан и Ерменија -
Во врска со неодамнешните судири што избувнаа меѓу азербејџанските и ерменските војници оваа недела, Ердоган рече дека е важно Ерменија да се откаже од провокациите против Азербејџан, и да се фокусира на мирот и соработката во согласност со нивните претходни обврски.
„Нашата желба е успешно да ги завршиме процесите на нормализација што се спроведуваат во нашиот регион и трајно да го осигураме регионалниот мир и стабилност“, додаде тој.
Баку го обвини Ереван за провокации од големи размери, поради поставување мини од диверзанти, и отворање на интензивен оган од страна на ерменските сили врз азербејџанските позиции.
Туркије ја повтори својата поддршка за Азербејџан, повикувајќи ја Ерменија да остане посветена на договорот со кој се стави крај на вооружениот конфликт во 2020 година.
- Нуклеарната централа „Акују“ -
Турскиот претседател рече дека за време на разговорите со Путин ја повториле одлучноста да продолжат со реализирањето на проектот за нуклеарната централа „Акују“, која моментално се гради во јужната турска област Мерсин.
Ердоган истакна дека Русија потпишала договор со турскиот изведувач „IC Ictas“.
„Се надеваме дека ќе успееме да ја завршиме и да ја пуштиме во функција првата единица во 2023 година“, додаде тој.
Првиот реактор на „Акују“ би требало да биде оперативен до 2023 година, а целата централа ќе биде во функција до 2025 година. Проектот започна со меѓувладин договор меѓу Туркије и Русија склучен во 2010 година.