Hatice Şenses Kurukız,Kaan Bozdoğan,Elif Küçük
16 Април 2022•Ажурирај: 17 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека работите се одвиваат добро на производствената страна на економијата во земјата и дека со надминување на инфлацијата нема да остане никаква пречка на патот за остварување на националните цели, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган преку видеолинк од Кабинетот во Долмабахче во Истанбул се обрати на свеченото отворање на тунелот Фаселис на новоизградената делница и рече дека тунелот значително ќе го олесни сообраќајот кон западната периферија на медитеранскиот туристички бисер Анталија.
Истакнувајќи дека сега транспортот на зеленчук и овошје од плодните медитерански полиња ќе биде многу полесен, Ердоган рече дека тунелот носи финансиска заштеда на гориво, заштеда на време во транспортот, но и ја намалува емисијата на штетни гасови во тој регион.
„Благодарение на големиот развоен прогрес на Турција во последните 20 години, секој наш град доби пет и десетпати повеќе услуги од вкупно реализираното во историјата на Републиката. Сообраќајот е една од областите во која најконкретно се гледаат резултатите од нашата политика и работа. Тоа се автопатиштата, железниците и аеродромите кои ги изградивме и целосно ги обновивме. Со визијата за транспортот и комуникациите за 2053 година, што неодамна ја објавивме, ќе ја подигнеме нашата држава на повисоко ниво во сите области. Имаме средства да се натпреваруваме со развиените земји и да ги надминеме во многу области. Одлучни сме да ја направиме нашата земја една од десетте најголеми економии во светот“, порача Ердоган.
Нагласувајќи дека најголемата сила на Турција претставува единството, заедништвото и братството на нејзиниот народ, Ердоган рече дека земјата е фокусирана на остварување на целите за 2023 година, но и на визијата за развој во следните три децении.
„За оваа вистина свесни се и нашите ривали и противници. Затоа изнесуваат секакви игри со кои сакаат да ја сменат патеката на нашата земја со политички инженерски калкулации за деморализирање на нашата нација преку економските потешкотии“, рече Ердоган и додаде дека недобронамерните кругови говорат за глобален раст на цените и други глобални економски проблеми како да важат само за Турција.
Додаде дека Турција е меѓу земјите кои се најмалку погодени од тие негативни економски трендови.
Нагласувајќи дека Турција ужива голем углед на меѓународната политичка сцена, Ердоган рече дека работите се одвиваат добро во производството и дека со надминувањето на инфлацијата нема да остане друга пречка за остварување на националните цели.