Yıldız Nevin Gündoğmuş
25 Јуни 2022•Ажурирај: 26 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска телефонски разговараше со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Дирекцијата за комуникации на претседателот на Туркије, двајцата челници разговарале за прашањата поврзани со барањата на Шведска и Финска за членство во НАТО.
Ердоган за време на разговорот посебно нагласил дека Шведска и Финска треба да преземат конкретни и искрени чекори против терористичката организација ПКК/ПЈД/ЈПГ и да го укинат ембаргото и сличните ограничувања за Туркије во контекст на извозот на одбранбената индустрија, како и да се обврзат дека нема во иднина да прибегнуваат кон нив.
Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО на 18 мај, одлука поттикната од руската војна против Украина, што започна на 24 февруари. Туркије, долгогодишна членка на Алијансата, изрази забелешки на нивните кандидатури за членство, критикувајќи ги двете земји за толерирање, па дури и за поддржување на терористичките организации, како ЈПГ/ПКК и ФЕТО.
Сите барања за членство во НАТО мора да бидат едногласно прифатени во 30-члената алијанса.
Кон крајот на мај, Туркије во Анкара беше домаќин на консултации со шведската и финската делегација за нивните кандидатури за членство во НАТО. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган тогаш рече дека состаноците не биле „на посакуваното ниво“.
ПКК е сепаратистичка организација која е на листата терористички организации во Туркије, Европската Унија и САД. Во текот на повеќедецениската терористичка кампања против Туркије, од рацете на терористите на ПКК загинаа најмалку 40.000 луѓе.