Sena Güler
27 Ноември 2020•Ажурирај: 28 Ноември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека можно е земјата да преземе понатамошни мерки со цел спречување на ширењето на коронавирусот во услови на раст на бројот на заразени, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние мора и ќе преземеме мерки во согласност со чекорите преземени од Министерството за здравство“, изјави Ердоган за новинарите по петочната молитва во Истанбул.
Тој ја истакна важноста на носењето маски, одржувањето на физичката дистанца и внимавањето на хигиената.
„Сè додека не се почитуваат овие мерки, ширењето на вирусот е неизбежно, особено во поголемите градови“, рече Ердоган.
Тој додаде дека активностите на Турција за развој на вакцината против Ковид-19 се во тек, додека паралелно земјата е во преговори со Русија, Кина и Германија за увоз на вакцина.
Бидејќи трендот на пораст на бројот на пациенти во земјата продолжува, Турција минатата недела објави серија нови мерки, меѓу кои и делумен полициски час што е во сила за време на викендите од 20:00 часот до 10:00 часот наутро.
Киносалите ќе останат затворени до крајот на годината, додека трговските центри, маркетите, рестораните и фризерниците ќе бидат отворени од 10:00 до 20:00 часот во текот на целата недела, а рестораните ќе обезбедуваат само достава.
Онлајн наставата ќе продолжи до крајот на годината, а сите спортски натпревари ќе продолжат да се играат без публика.
- Каналот Истанбул -
Осврнувајќи се на мегапроектот за каналот, Ердоган рече дека се зголемува домашната и светската потреба за Каналот Истанбул - вештачка морска рута што ќе се гради паралелно со Босфорот и ќе го поврзува Црното Море со Мраморното Море.
„Архитектонскиот аспект на проектот за Каналот Истанбул е подготвен. Во врска со тоа подготвени се сите технички аспекти, сега останаа да се досредат само финалните детали“, рече тој.
„Со проектот за Каналот Истанбул, Истанбул ќе има многу поинаква перспектива и моќ на меѓународно ниво“, рече Ердоган.
Изградбата на Каналот Истанбул, кој ќе има капацитет за проток на 185 пловила, се очекува да започне во 2020 година и да заврши во 2025-2026 година.
Планираниот канал долг 45 километри ќе биде изграден западно од центарот на градот, на европската страна на областа Истанбул.
Мегапроектот, чија цел е да ги спречи ризиците кои ги наметнуваат пловните објекти кои носат опасни пратки низ Босфорскиот Теснец, беше одобрен од турското Министерство за животна средина и урбанизација.