Diyar Güldoğan
07 Октомври 2023•Ажурирај: 08 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, денес порача дека ќе ги исполни сите ветувања дадени кон турскиот народ, известува Анадолу.
„Ќе ги исполниме сите ветувања што и ги дадовме на нацијата, особено за да ја зајакнеме климата на доверба и стабилност, и да ја зголемиме благосостојбата на нашиот народ“, рече Ердоган на 4. вонреден конгрес на Партијата за правда и развој (АК партија) кој се одржува во главниот град Анкара.
Надоврзувајќи се на ветувањето што го даде пред неговиот реизбор за претседател во мај оваа година, Ердоган на вонредниот конгрес на АК партијата го повтори своето ветување дека ќе воведе нов цивилен Устав во Туркије.
„Се надеваме дека на нашата земја ќе и донесеме граѓански, либерален и сеопфатен Устав кој на Републиката ќе и донесе вистинска демократија“, порача Ердоган.
Актуелниот Устав е воведен по воениот удар во Туркије 1980 година, а Ердоган веќе подолг период најавува изработка на нов Устав под цивилна власт.
Претседателот Ердоган ја повтори и својата одлучност да ги залечи раните на жртвите од земјотресите кои на 6. февруари оваа година ги потресоа јужните делови на земјата, одземајќи повеќе од 50.000 животи.
„Не само што ќе ги обновиме нашите градови уништени во земјотресите, туку ќе ги обновиме и ќе ги заживееме и сите населби кои се загрозени од потресите“, рече Еродган.
Туркије планира за година дена да изгради згради за потребите на жртвите од земјотресот. Претседателот Ердоган претходно вети дека ќе бидат изградени вкупно 650.00 станбени единици, од кои 319.000 во првата година.
„Ќе обезбедиме секој граѓанин на оваа земја да може на највисоко ниво да има придобивки од сите видови услуги, особено на полето на правдата, безбедноста, образованието и здравството, од раѓањето до смртта“, нагласи Ердоган.
Формирана на 14. август 2001 година, АК партијата се проби на политичката сцена во Туркије под водство на Ердоган, кој стана премиер на Туркије во 2003 година, а од 2014 година ја извршува должноста претседател на државата.
- Ердоган повторно избран за лидер на Партијата за правда и развој
Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган повторно е избран на чело на Партијaта за правда и развој (АК партијата) на 4. вонреден конгрес на АК партијата што денес се одржа во Анкара.
Изборот за претседател на партијата се организираше на 4. вонреден голем конгрес на АК партијата, што се одржа во Спортската сала во Анкара.
Али Ихсан Јавуз, претседавач со Советот на конгресот, изјави дека од 1.402 гласа, 1.399 биле важечки. Ердоган ги освоил сите 1.399 важечки гласови, со што повторно е избран на чело на партијата.
На истото гласање се утврдени Централниот одбор и Извршниот одбор на АК партијата.