Andaç Hongur
31 Март 2019•Ажурирај: 31 Март 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во придружба на својата сопруга Емине Ердоган, гласаше во населбата Ускудар во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Турција денес се одржуваат избори на кои граѓаните ја избираат локалната власт на мандат од пет години.
По остварувањето на своето гласачко право, турскиот претседател за новинарите изјави дека изборите ќе ги следи од Истанбул, а потоа ќе замине за Анкара.
Ердоган потсети на претходен инцидент на едно гласачко место недалеку од градот Малатја, во кој настрадале две лица, велејќи дека е потребно да се почекаат резултатите од истрагата за да се каже нешто повеќе во врска со овој случај.
Избирачките места во источниот дел на Турција утрово беа отворени во 7:00 часот по локално време, додека избирачките места во западниот дел на државата се отворени од 8:00 до 17:00 часот. Вкупно 12 политички партии учествуваат на изборите на кои граѓаните денеска ја избираат локалната власт со мандат од пет години. На изборите учествуваат вкупно 73 независни кандидати за функцијата градоначалник, а право на глас имаат 57 милиони граѓани. Турција ја сочинуваат вкупно 81 област, меѓу кои има 30 метрополи, вклучувајќи ги и Истанбул и Анкара.
Во 30 големи градови во Турција регистрирани се 44.212.704 гласачи кои денес ќе гласаат на 142.777 избирачки места. Во преостанатите 51 град се регистрирани 12.837.077 гласачи кои гласаат на 51.851 избирачко место. Избирачките места ќе бидат отворени и во затворите низ целата земја.
Гласачите во Турција избираат градоначалници за поголемите градови, градоначалници на општини, како и градски или обласни и општински совети. Гласачите ќе ги изберат и најниските инстанци на локалната власт во Турција, односно одговорните лица на селата - мухтарите, како и советите.