?????
04 Ноември 2015•Ажурирај: 04 Ноември 2015
Поранешниот претседател на Уругвај, Хосе Мухика, кој се наоѓа во неслужбена посета на Турција, истакна дека сите луѓе во светот сакаат да бидат среќни и задоволни со своите животи, јавува Anadolu Agency (AA).
„Можете да купите скапи куќи, автомобили, да одите во скапи маркети но не можете да ги купите годините. Кога купуваме нешто, она што не го приметуваме е дека тоа го плаќаме со времето“, рече Мухика.
Мухика, кој поради скромниот начин на живот многумина го нарекуваа најсиромашен претседател во светот, смета дека секој треба да стори нешто како би го подобрил животот на сите луѓе во светот.
„Човек не може да живее сам. Затоа е потребно да се потрудиме за да целото општество биде посреќно. Мораме да се соочиме со сопствените барања и желби. За да имаме подобар свет првин ние мораме да станеме подобри“, истакна Мухика.
Објасни дека човекот во денешниот свет се соочува со ризикот да се уништи сам себеси како и природата која го опкружува.
„Изградивме цивилизација која ни даде можност да живееме 40 години подолго. Продолжен е животниот век. Сепак, луѓето на секој чекор ја загрозуваат водата и воздухот. Се произведуваат непотребни и неважни нешта само пазарот да заработи повеќе пари. За воени цели секоја минута се трошат два милиони долари додека скоро ништо не се троши да се искорени екстремната сиромаштија во Африка. Човештвото навистина има сила да ја искорени сиромаштијата во светот. Сигурно можеме да изградиме свет во кој ќе ја зголемиме еднаквоста и блискоста меѓу луѓето. Но мораме многу повеќе да се трудиме тоа да се случи“, рече поранешниот претседател на Уругвај.
Истакна дека е особено важно да се зголеми свеста меѓу младите кои, како што кажа, можат многу да допринесат во изградбата на подобар свет.
„Сите сме на ист брод и сите имаме обврски и одговорност. Мораме многу повеќе да работиме против војните кои се водат во многу подрачја низ светот,“ рече Мухика.
Инаку додека беше претседател на Уругвај донирал 97 проценти од својата плата, возел автомобил Volkswagen Beetle и продавал цвеќе кое со својата сопруга го одгледувал во сопствената градина. Живеел во скромна селска куќа покрај Монтевидео со сопругата, сенаторка и поранешна герилка Луција Тополански и троногиот пес Мануел. Немал телохранители ниту службен возен парк.