Emin Ferhat Sevilir
08 Мај 2026•Ажурирај: 08 Мај 2026
Мехмет Акјуз, пензиониран мајстор електричар кој живее во турскиот град Ерзинџан, со многу љубов и трпение ги претвора камењата што ги собира од природата во прекрасни минијатурни макети на куќи, јавува Анадолу.
Откако се пензионирал од Дирекцијата на Институтот за истражување на градинарски култури во Ерзинџан, 61-годишниот Акјуз отворил работилница за поправка на електрични апарати за домаќинство. Пред околу четири години, тој ја открил својата нова пасија - изработка на минијатурни камени куќички.
За да ги исполни слободните моменти со креативност, Акјуз почнал да изработува макети од дрво, метал и камен. Материјалите за своите дела лично ги собира од различни места.
Досега изработил десетици вакви мали ремек-дела што со задоволство им ги подарил на најблиските, но вели дека доколку има голем интерес, би сакал да почне и со комерцијално производство.
Во разговорот за Агенција Анадолу, Мехмет Акјуз рече дека по пензионирањето пред десет години, барал начин како квалитетно да го исполни слободното време.
„Почнавме да изработуваме макети од дрво, метал и камен за да го исполниме слободното време“, вели тој низ насмевка.
Камењата за своите куќички Акјуз ги наоѓа во околината на местата Кемах, Чајирли и Терџан, како и околните села.
„Често излегуваме во природа. Кога ќе видиме убави камења што ни се допаѓаат, ги собираме и ги носиме во дуќанот за да ги обработиме. Сè што правам е од природни материјали, дрво и камења од планините. Во зависност од обликот на градбата, користам различни методи - за кршен камен употребувам лепило, а за макетите со делкан камен вистински бетонски малтер.“
- „Ако има интерес, ќе почнам и да ги продавам“ -
Иако не почнал со намера да заработува, Акјуз вели дека би бил среќен ако неговите дела стигнат до повеќе луѓе.
Тој има и топла порака за своите врсници пензионери:
„Дури и историчарите ги класифицираат луѓето како собирачи и ловци. Човекот секогаш нешто собира. Најважно е во животот да се собираат убави спомени и искрени пријателства. Затоа, секој треба да има хоби со кое ќе го исполни времето. Прекрасно е да имате едно мало катче каде што ќе се занимавате со нешто што ве исполнува. Тоа го одржува човекот жив и ведар. Она што го создавате со сопствени раце ви дава вистинска радост за живот. Во пензионерските денови најскапо нешто што трошиме е слободното време - затоа треба да знаеме да го цениме.“