Firdevs Bulut Kartal
02 Септември 2026•Ажурирано: 02 Септември 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Пет големи турски компании од одбранбениот сектор се најдоа годинава на листата „Топ 100“ на „Дифенс њуз“, што го одразува зголеменото глобално присуство на индустријата и растот на приходите од извоз, јавува Анадолу.
„Асeлсан“, Турската воздухопловна индустрија (ТАИ), „Арка дифенс“, „Рокетсан“ и МКЕ се пласираа на ранг-листата, а раководителите на петте компании истовремено се членови на Управниот одбор на САХА Истанбул, најголемиот индустриски кластер во Европа.
Турските одбранбени компании во последните години напредуваат на глобалните ранг-листи, поттикнати, меѓу другото, од значителниот раст на извозот. Петте компании оствариле вкупно 14,9 милијарди долари приходи од одбранбениот сектор, при што извозот претставува значителен дел од приходите.
„Асeлсан“ се најде на 40. место на овогодишната листа, по него следуваат ТАИ на 48. и „Арка дифенс“ на 53. место.
„Рокетсан“ е на 64. место, додека МКЕ на 81. место.
САХА ЕКСПО стана значајна платформа за претставување на турската одбранбена индустрија на глобалната сцена и придонесе за растот на секторот заснован на извоз.
Платформата помогна во реализација на договори за извоз во вредност од околу 4,5 милијарди долари во 2024 година и 8 милијарди долари во 2026 година, поддржувајќи го меѓународното ширење на големите турски одбранбени компании.
Учеството на овие големи одбранбени компании во управувањето и комисиите на САХА Истанбул овозможува и поголема интеграција со повеќе од 1.300 мали и средни претпријатија (МСП) во рамките на кластерот.
Производствениот капацитет на овие МСП им овозможува на поголемите одбранбени компании пофлексибилни синџири на снабдување, придонесува за скратување на роковите за испорака и ја зајакнува глобалната конкурентност на турската одбранбена индустрија.