Selen Temizer,Mohamad Misto
24 Јануари 2018•Ажурирај: 25 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - СЕЛЕН ТЕМИЗЕР/МУХАМЕД МИСТО - Ширејќи ја својата окупација од Aфрин на запад и од Тел Абјад и Хасека на исток, терористичката организација ПЈД/ПКК протера стотици илјади Арапи, Курди, Асирци и Tуркмени со цел воспоставување трајна окупација на северниот пограничен појас на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Aфрин е подрачје во крајниот северозапад на Сирија и на исток се граничи со територијата којашто турските сили и Слободната сириска војска ја ослободија за време на седуммесечната офанзива „Штитот на Еуфрат“, која заврши во март минатата година.

Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, без борба контролата врз Aфрин ја предадоа на терористите на ПЈД/ПКК во средината на 2012 година.
Во почетокот на 2016 година, пред почетокот на офанзивата „Штитот на Еуфрат, терористите од Aфрин тргнаа во окупација на подрачјата кон исток.
Терористите од Aфрин го нападнаа местото Тел Рифат и протераа најмалку 250.000 цивили кои избегаа во соседниот Азаз, кој е под контрола од Слободната сириска војска.
Станува збор за цивили од вкупно 60 населени места окупирани од терористите.
Челникот на локалното собрание во Тел Рифат, Махмут Алито, за АА истакна дека раселените цивили чекаат да се стави крај на терористичката закана од Aфрин за да се вратат во Тел Рифат.
Турските сили и Слободната сириска војска во саботата ја започнаа операцијата „Маслинова гранка“, со цел да се ослободи Aфрин од терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ, а една од целите на операцијата е овозможување враќање на цивилите во соседниот Тел Рифат.
Терористите на ПЈД/ПКК продолжуваат да вршат притисок врз цивилите во Aфрин, Тел Рифат и во другите окупирани подрачја така што присилно ги носат луѓето на боиштата или во притвор.
Сличен поход на прогонство од страна на терористите на ПЈД/ПКК доживеаа и цивилите во подрачјето на источниот брег на реката Еуфрат.
Во јули 2015 година, терористичката организација го окупира Тел Абјад, кој се наоѓа помеѓу Хасека и Кобане, а во тоа воздушна поддршка им даде американската војска.
Цивилите во тоа подрачје се обвинети од ПЈД/ПКК за поддршка на терористите на ДЕАШ и со постојани напади на започна со прогон на Арапите и Туркмените. Целта на прогонот беше етничко чистење и воспоставување на постојана окупација на тоа подрачје.
Координаторот на Врховниот совет на сириските етнички групи и племиња Мудар Хамад ал-Асад, изјави дека терористите на ПЈД/ПКК уште во 2012 година тргнаа во оружен поход за прогон на арапското, курдското, туркменското и асирското население во северниот дел на Сирија.
Истакнувајќи дека Советот ја следи состојбата во сите населени места во северна Сирија, Ал Асад вели дека терористите на ПЈД/ПКК од тој регион, со исклучок на Aфрин и периферијата, протерале вкупно 1.955.000 граѓани.
Според податоците на Советот, терористите од Мунбич протерале 250.000 Арапи, од Камишли 150.000, од Кобане 40.000, од Амуд 25.000, Дирбесије 20.000 Курди, Арапи и Асирци, потоа од Шедадa 120.000, Ал Хол 30.000, Сулук и Тел Абјад 180.000 Арапи. Од Тел Хамис и околните места протерани се 150.000 Арапи, Курди и Асирци, а од Рака и Танка протерани се 350.000 Арапи и 30.000 Tуркмени.
За време на походот за прогон, терористите на ПЈД/ПКК од Деир ез-Зор протераа 350.000 Арапи, додека од Хасека 200.000 Арапи и Асирци. Десетици илјади се протерани и од други места во северна Сирија.
Терористите на ПЈД/ПКК во моментов под окупација држат една четвртина од територијата на Сирија и 65 отсто од сириско-турската граница.