Турскиот министер за национална одбрана Јашар Ѓулер изјави дека претстојниот самит на лидерите на НАТО во Анкара ќе значи „важна пресвртница“ во обликувањето на идната стратегиска насока на Алијансата, во време кога таа се приспособува на сè покомплексното безбедносно опкружување, јавува Анадолу.
„На самитот на НАТО, кој ќе го организираме во Анкара, не гледаме само како на средба на лидерите. Веруваме дека овој самит ќе биде важна пресвртница што ја демострира одлучноста на НАТО да се приспособи на променливиот безбедносен амбиент и ќе ја трасира неговата идна стратегиска насока“, рече Ѓулер.
Министерот зборуваше за новинарите во Брисел по учеството на состанокот на министрите за одбрана на НАТО и на состанокот на Контакт-групата за одбрана на Украина, кои се одржаа пред самитот на лидерите на земјите членки во НАТО во Анкара закажан за 7 и 8 јули.
Ѓулер посочи дека дискусиите биле фокусирани на одвраќањето и одбранбената подготвеност на НАТО, поддршката за Украина и другите безбедносни предизвици.
Тој истакна дека ги информирал своите колеги за придонесот на Турција во НАТО како една од петте земји со најголем воен капацитет во Алијансата, за напредокот кон исполнување на обврската за издвојување 5% од БДП за одбраната, за континуираната поддршка за Украина, како и за подготовките за самитот во Анкара.
Ѓулер посочи дека тоа што Турција организатор на самитот е резултат на нејзиниот воен придонес, оперативното искуство и капацитетот да обезбеди сигурност во рамките на сојузот. Тој додаде дека токму „ефикасната, доверлива и прагматична лидерска дипломатија“ на претседателот Реџеп Таип Ердоган ќе биде едно од главните обележја на претстојниот самит.
- Одбранбената индустрија и капацитетите на НАТО -
Ѓулер истакна дека покрај класичните воени закани, НАТО денес се соочува и со хибридни закани, кибернапади, тероризам и регионална нестабилност, поради што мора да ја зајакне заедничката одбрана.
Тој истакна дека домашната одбранбена индустрија на Турција придонесува не само за националната безбедност, туку и за колективната одбрана на НАТО.
„Нашите домашни и национални воени системи ја унапредуваат меѓусебната оперативност со сојузниците и придонесуваат за севкупната моќ на одвраќање на Алијансата. Силната одбранбена индустрија е гаранција за силно одвраќање и моќно НАТО“, нагласи тој.
Ѓулер додаде дека одбранбено-индустрискиот форум, кој ќе се одржи на маргините на самитот во Анкара, ќе ја унапреди соработката меѓу сојузниците, напоменувајќи дека тројца министри за одбрана на НАТО за време на состаноците ја истакнале важноста од проширување на соработката со турската одбранбена индустрија.
- Улогата на Турција во НАТО -
Ѓулер истакна дека Анкара очекува на самитот да биде потврден принципот на колективна одбрана на НАТО и посветеноста на член 5, со истовремен поттик до сојузниците за преземање конкретни чекори во врска со воените обврски и развојот на капацитетите.
Опишувајќи ја Турција како втора по големина воена сила во НАТО, тој рече дека земјата продолжува активно да придонесува во обуките, вежбите, операциите и командно-контролните активности во Алијансата.
Исто така, тој го истакна оперативното искуство на Турските вооружени сили во борбата против тероризмот и прекуграничните операции, нагласувајќи дека Турција се подготвува да ја преземе командата со Сојузничките сили за брза реакција, оценувајќи го тоа како „конкретен показател за доверливоста и стратегиската важност на Турција во рамките на Алијансата“.
- Украина, Црното Море и Блискиот Исток -
Ѓулер истакна дека војната меѓу Русија и Украина не влијаела само врз двете вклучени земји, туку и врз европската безбедност, енергетската безбедност, глобалните трговски патишта и агендата на НАТО.
Тој рече дека Турција води балансирана и принципиелна политика од почетокот на војната и продолжува да ја спроведува Конвенцијата од Монтре, истовремено поддржувајќи ја регионалната сопственост и соработката меѓу крајбрежните држави на Црното Море.
Стабилноста на Црно Море ја опиша како „неодминлив дел од евроатлантската безбедност“.
Осврнувајќи се на Блискиот Исток, Ѓулер посочи дека регионалните случувања имаат влијание врз целиот свет и го поздрави постигнатиот договор за ставање крај на војната меѓу Иран и САД.
Исто така, тој рече дека Турција е подготвена да ги поддржи операциите за чистење мини во Ормускиот Теснец доколку е потребно, а останува и подготвена да придонесе за поморската безбедност и непреченото пловење во согласност со меѓународното право.
„Турција води конструктивна политика што ги поддржува регионалниот мир, стабилност и безбедност, ставајќи ги во предност дијалогот и дипломатијата наместо ширењето конфликти“, истакна Ѓулер, додавајќи дека надлежните институции ги преземаат сите неопходни мерки за неутрализирање на ризиците по националната безбедност.
- Критики за договорот меѓу Франција и кипарските Грци -
Ѓулер го критикуваше и неодамнешниот договор меѓу Франција и администрацијата на кипарските Грци, нарекувајќи го нелегитимен и спротивен на меѓународното право.
„Договорот потпишан меѓу Франција и администрацијата кипарските Грци е нелегитимен, ја нарушува рамнотежата во регионот и го крши меѓународното право бидејќи Франција нема статус на гарант на Кипар“, изјави Ѓулер.
Тој порача дека Турција ќе продолжи да ги исполнува своите одговорности како гарант во однос на Турска Република Северен Кипар и ја потврди посветеноста на Анкара за зачувување на мирот и стабилноста во Источен Медитеран, истовремено одговарајќи на секоја закана против безбедноста на кипарските Турци.
- „Турција е во центарот на безбедносната архитектура“ -
Ѓулер изјави дека Турција останува еден од главните актери во НАТО, евроатлантската безбедност и регионалната стабилност преку својата воена сила, одбранбена индустрија, дипломатија и стратегиска визија.
„Денес постои многу јасна реалност: Турција не е на периферијата на безбедносната архитектура, туку во нејзиниот центар“, изјави Ѓулер.
„Како што се обликува иднината на НАТО, Турција не е земја што ги набљудува случувањата оддалеку, туку е еден од главните сојузници што придонесуваат за одлуките, преземаат одговорност и обезбедуваат сигурност“, заклучи тој.