Orhan Onur Gemici,Sarp Özer
10 Февруари 2022•Ажурирај: 11 Февруари 2022
АНКАРА (АА) ‒ Министерството за одбрана на Турција соопшти дека во јануари оваа година биле фатени 296 лица во обид илегално да ја преминат турската граница, меѓу кои 28 терористи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мајорот Пинар Кара на редовниот брифинг за новинарите рече дека Турските вооружени сили продолжуваат со целосна одговорност и одлучност да ги спроведуваат активностите за зачувување на безбедноста на државата и народот на Турција.
Таа рече дека Турција продолжува одлучно да се бори против сите терористички организации, вклучувајќи ги ФЕТО, ПКК/КЏК/ПЈД-ЈПГ и ДЕАШ.
„Од 1 јануари досега се извршени 18 операции, од кои 5 се големи и 13 средни, а неутрализирани се 316 терористи. Вкупно 33.584 терористи се неутрализирани во операциите од 24 јули 2015 година, вклучително и операциите во северен Ирак и Сирија“, истакна Кара.
Таа наведе дека во рамките на спречување на криумчарење, илегален и нерегуларен прилив на мигранти и зголемување на ефикасноста во борбата против терористите, се преземени ефективни мерки на границите.
„Благодарение на преземените дополнителни и ефикасни мерки, во јануари беа фатени 296 лица во обид илегално да ги преминат нашите граници. Меѓу нив има 28 терористи, меѓу кои 12 припадници на ФЕТО. Вкупно 33.397 лица се спречени во намерата илегално да ја преминат границата“, рече Кара.
Таа ги обвини грчките власти дека продолжуваат да предизвикуваат зголемени тензии во регионот, спротивно на сите напори на Турција, која се залага за добрососедски односи и соработка во духот на сојузот.
„Од почетокот на оваа година, Грција изврши 229 прекршоци на островите со невоен статус. Островите во источниот дел на Егејското Море ѝ беа префрлени на Грција со договорите од Лозана и Париз, под услов да останат со невоен статус. Воените активности на Грција кон тие острови претставуваат грубо кршење на споменатите договори. На сите платформи на нашите соговорници им ја пренесуваме незаконитоста за ова прашање и ќе продолжиме да го правиме тоа“, рече Кара.
Таа, исто така, ги обвини грчките власти за нехуманото постапување со мигрантите, додавајќи дека неодамнешните смртни случаи предизвикани од смрзнувањето на 19 нерегистрирани мигранти во пограничниот град Едрене се последниот пример на грчкото нехумано и неодговорно однесување.
На прашањето за здравствената состојба на турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, кој е заразен со коронавирусот, Кара рече дека е добро и дека има поблаги симптоми.
Неименувани извори велат дека турскиот министер Акар планира следната недела да учествува на седницата на ресорните министри во седиштето на НАТО во Брисел.