Izzet Taskiran
27 Март 2017•Ажурирај: 27 Март 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - На граничните премини на истанбулските аеродроми „Ататурк“ и „Сабиха Ѓокчен“ започна процесот на гласање на регистрираните турски државјани кои живеат или патуваат во странство, а во рамките на референдумот во Турција за сетот на уставни промени, јавува Anadolu Agency (AA).
Подготовките за гласање на аеродромите се завршени пред неколку дена, така што се поставени 12 гласачки кутии, и тоа на просториите на аеродромот предвидени за доаѓања и заминувања.
Турските државјани кои живеат или патуваат во странство, а се наоѓаат на избирачкиот список, утринава ги дадоа на увид пасошите и личните карти, по што можеа да гласаат. Избирачките места се отворени во осум часот по локално време, а веќе е забележан поголем метеж.
На споменатите аеродроми ќе може да се гласа до 16 април, до 17 часот по локално време.
Граѓаните на Турција на 16 април оваа година излегуваат на седмиот референдум од основањето на републиката, а ќе гласааат за сетот уставни промени од 18 амандмани, кои во два круга на гласање ги усвоија пратениците во Големото народно собрание на Република Турција.
Сетот од уставни промени најпрво се состоеше од 21 амандман, но бројот на амандманите подоцна беше намален на 18. Еден од најважните елементи во сетот на уставни промени е воведувањето претседателски систем, што подразбира намалување на бројот на министерствата.
Исто така, лицето кое ќе биде избрано за претседател нема да ја прекине врската со својата партија. Претседателот на државата исто така ќе има овластување да ги именува високите официјални претставници во јавната управа.
Уставните промени ги опфаќаат измените според кои бројот на претставниците во турскиот Парламент од 550 се зголемува на 600. Минималната возраст за влез во турскиот Парламент ќе биде намалена од 25 на 18 години.