Yusuf Soykan Bal,Orhan Onur Gemici
02 Април 2026•Ажурирај: 03 Април 2026
АНКАРА (АА) – Турција предупреди дека ескалацијата на непријателствата на Блискиот Исток носи ризик од проширување на конфликтот низ регионот, повикувајќи на враќање кон дипломатијата за ставање крај на тековните напади на САД и Израел врз Иран, соопшти денес турското Министерство за одбрана, јавува Анадолу.
Портпаролот на Министерството, Зеки Актурк, изјави дека конфликтот, кој започна со израелски и американски напади врз Иран и се интензивираше по иранските напади врз трети земји и натаму претставува закана од поширока регионална војна.
„Сите спорови мора да се решаваат врз основа на меѓународното право, преку дијалог и дипломатија. Нашиот решителен став и напори во таа насока продолжуваат. Се надеваме дека конфликтите што ги нарушуваат мирот и стабилноста во нашиот регион ќе бидат прекинати колку што е можно поскоро“, рече Актурк.
Исто така, тој ги осуди тековните воени активности на Израел на повеќе фронтови, вклучително и во Либан, Сирија и палестинските територии.
„Нападите на Израел врз Либан, кои претставуваат прекршување на меѓународното и хуманитарното право, доведоа до смрт на тројца припадници на мировните сили на Обединетите нации“, изјави тој.
Актурк додаде дека Израел продолжува да ги нарушува суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија преку напади врз јужниот дел од земјата, како и дека продолжува, како што рече, со нелегалните активности за населување на Западниот Брег и нападите врз Газа.
Тој ја повика меѓународната заедница да преземе одговорност.
„Со цел да се спречи дополнително нарушување на легитимноста на меѓународниот систем и довербата во меѓународното право, уште еднаш ја повикуваме целата меѓународна заедница, особено Обединетите нации, да преземе одговорност во спречувањето на израелската агресија“, нагласи Актурк.
Одделно, тој информираше дека началникот на Генералштабот на Турција, генерал Селчук Бајрактароглу, денес ќе го прими командантот на копнените сили на Либија.