Merve Yıldızalp
13 Март 2016•Ажурирај: 14 Март 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за здравство, Мехмет Муезиноглу, соопшти дека во терористичкиот напад во Анкара загинале 34 а ранети се 125 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Турција, Ахмет Давутоглу, свика состанок на челниците на безбедносните и други институции по терористичкиот напад, кој се случи во центарот на главниот град.
Министерот за здравство Муезиноглу, по состанокот изјави дека на местото на експлозијата загинале 30 лица, а на патот кон болница или во болница починале уште четири ранети лица. Додаде дека меѓу загинатите на местото на експлозијата, најверојатно има еден или двајца од напаѓачите, но дека тоа е предмет на истрагата која е во тек.
„Моментално во 14 болници во Анкара имаме вкупно 125 хоспитализирани повредени лица. Од нив 19 се во животна опасност, а седуммина се подвргнати на операциски зафати“, рече Муезиноглу.
Турскиот министер за внатрешни работи, Ефкан Ала, исто така, им се обрати на новинарите по состанокот и најостро го осуди нападот.
„Терористичкиот напад е изведен со активирање на автомобил-бомба во движење, на автобуска станица во квартот Кизилај во Анкара. Мета на нападот беа цивили кои чекале автобус на станицата. Најостро го осудуваме тој подол чин. Повторно порачуваме дека оние кои стојат зад овој напад нема да успеат во своите цели. Овој народ надмина многу проблеми“, рече Ала.
Нагласувајќи дека со истрагата веќе се собрани многу докази, идентитетот на одговорните за нападот ќе се објави дури по завршувањето на истрагата, министерот Ала рече дека Турција решително ќе продолжи со борбата против тероризмот и дека нема да дозволи терористите да ја загрозуваат нејзината стабилност и мирот.
„Решително ќе продолжиме со антитерористичката борба која ја водиме за мир на нацијата, демократијата, единството и целосноста на земјата. Турција ќе го надмине овој проблем. Ваквите напади никогаш нема да ја загрозат нашата борба против тероризмот“, порача Ала.
Експлозијата во Анкара, чија мета беа цивили, одекна по неполн месец од бомбашкиот напад, во кој, во турската престолнина беа убиени 29 лица.