Zuhal Demirci,Nazlı Yüzbaşıoğlu
05 Февруари 2020•Ажурирај: 06 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека не се преземаат никакви чекори кога станува збор за еднакво споделување на природните ресурси на Кипар и за гарантирање на правата на кипарските Турци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу во Министерството за надворешни работи се состана со амбасадорите на земјите од ЕУ.
Тој, нагласувајќи дека овој период е критичен во однос на односите меѓу Турција и ЕУ, рече: „Негативната атмосфера во ЕУ за Турција, не само ние од раководството, тоа го гледа и нашиот народ. За жал, недовербата и кај двете страни постепено се продлабочува.“
Министерот, исто така, додаде: „И вие бевте сведоци на тажниот настан во Европскиот парламент (ЕП). Ние сме задоволни од односот на Европскиот парламент (ЕП) и раководството на Грција, но, во суштина треба добро да разбереме дека расизмот веќе од корен почна да им штети на вредностите на ЕУ и на Европскиот парламент и против тоа треба заедно да преземеме мерки.“
„Оваа ситуација претставува пречка за конструктивниот пристап на односите меѓу Турција и ЕУ“, рече Чавушоглу и нагласи:
„Одлуките на ЕУ за нашите јаглеводородни активности во Источниот Медитеран, операцијата „Извор на мирот“ и прашањата за Либија ги затегнаа нашите односи. Треба да ја зголемиме комуникацијата меѓу нас за прашањата кои претставуваат проблем меѓу нас.“
- „Можеме да работиме заедно“
Истакнувајќи дека овие прашања може да се решат заедно, министерот Чавушоглу рече: „Проблемот со јаглеводородот не е само прашање меѓу ЕУ и Турција. Ова прашање влијае на сите земји од Источниот Медитеран. Ако тука ЕУ се однесува неутрално, може да работиме на механизам кој ќе ги гарантира еднаквите права на кипарските Турци. Можеме сите да работиме заедно.“
Чавушоглу истакна не се преземаат никакви чекори кога станува збор за еднакво споделување на природните ресурси на Кипар и за гарантирање на правата на кипарските Турци и нагласи: „Ако продолжи да се негира постоењето на кипарските Турци, на секој негативен чекор на ЕУ кон Турција ние ќе возвратиме со наш чекор. Тогаш што ќе се случи, тензијата ќе се зголеми. Сепак треба да преземеме заеднички чекори за да ја намалиме тензијата.“
„Во писмото испратено до Жозеп Борел, високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Турција јасно ја покажа својата визија кон ЕУ“, рече Чавушоглу.
„Особено во процесот за пристапување очекуваме да се отвори нова страница. Европскиот совет треба да ја разгледа одлуката за суспендирање на контактите од високо ниво, дијалозите и состаноците на Советот за партнерство. Гледаме дека Хрватска, која е претседавач со ЕУ, е конструктивна во овој поглед“, потенцираше шефот на турската дипломатија.