Dildar Baykan,Meltem Bulur,Barış Seçkin
17 Мај 2018•Ажурирај: 18 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека независната комисија мора да ги истражи злосторствата против човештвото кои се случија во Газа, и дека според тој извештај, Израел мора да одговара пред законот, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу беше гостин на ТРТ „Хабер“, информативниот канал на државната телевизија на Република Турција.
Зборувајќи за израелските напади врз Палестинците за време на демонстрациите во Газа, Чавушоглу изјави дека неговата земја на тој план искажала јасен став и презела одредени чекори. Сепак, Чавушоглу нагласи дека тоа не е само прашање на Турција, и дека напорите кои ги вложува неговата земја нема да бидат доволни.
Тој додаде дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган зборувал за оваа тема не само со муслиманските лидери, туку и со папата Франциско, рускиот претседател Владимир Путин и со голем број други светски лидери.
Целта на Турција, како што рече Чавушоглу, е да се собере целиот свет околу оваа тема. Тој, исто така, потсети дека утре во Истанбул ќе биде одржан Самит на ОИС, кој ќе ги собере лидерите на земјите-членки на Организацијата за исламска соработка, а потоа ќе се одржи митинг за поддршка на Палестина.
Тој додаде дека денес во Каиро ќе биде одржан состанок на министрите за надворешни работи на Арапската лига, а утре во Женева и состанокот на Советот за човекови права. Според зборовите на Чавушоглу, од големо значење е на овие состаноци да се донесат силни одлуки, за преку нив да се испратат важни пораки до САД и Израел.
Тој истакна дека со голем број колеги разговарал за неопходноста за донесување важни одлуки, но и дека повеќе не е толку важно носењето одлуки, колку што е важна одговорноста.
„Неопходно е оваа тема да се пренесе на Меѓународниот кривичен трибунал, а тоа може да го направи Палестина, а не некоја трета земја. Во Женева утре ќе биде одржан состанок на Советот за човекови права и ќе се донесе одлука за започнување независна истрага. Потребно е независната комисија да ги истражи овие злосторства против човештвото, а според тој извештај, Израел мора да одговара пред законот“, рече Чавушоглу.