Tuğrul Çam
24 Декември 2018•Ажурирај: 25 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, истакна дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во последно време е вознемирен бидејќи сфатил дека нема да може да ја подели Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу во рамките на посетата на Тунис, со тамошниот колега Хемаиес Џинауи одржа заедничка прес-конференција, на која се осврна на изјавата на израелскиот премиер Нетанјаху насочена против турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Нетанјаху во последно време е вознемирен бидејќи сфати дека не ќе може да ја подели Сирија. Нетанјаху во последно време особено покажува симпатии кон терористичката организација ПКК. Затоа што тие сакаа да ја поделат Сирија со посредство на ПКК/ЈПГ. Кога плановите паднаа во вода, тој се вознемири. Ако погледнете подобро, името на нашите курдски браќа го користи за клеветење на нашиот претседател. И ја преминува границата“, истакна Чавушоглу.
Тој нагласи дека Турција е свесна дека Израел со ПКК настојува да подели одредени подрачја, вклучувајќи го и Ирак.
„Но, ПКК и Нетанјаху имаат уште една заедничка карактеристика, убијци се на деца“, рече Чавушоглу.
Потсетуваме, премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, претходно на социјалната мрежа Твитер го нападна турскиот претседател Ердоган во врска со антитерористичките операции што ги води Турција и во однос на кипарското прашање.