Kasım İleri
19 Јануари 2023•Ажурирај: 20 Јануари 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека неговиот состанок со американскиот државен секретар Ентони Блинкен бил многу продуктивен и дека двете страни се согласиле да ја развиваат енергетската соработка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу и Блинкен одржаа состанок во Вашингтон во рамките на Стратешкиот механизам Туркије - САД.
Шефот на турската дипломатија на прес-конференцијата по состанокот рече дека на средбата со Блинкен се разговарало за многу билатерални и регионални прашања, меѓу кои и барањето на Туркије за купување на авионите Ф-16.
Чавушоглу истакна дека им предложиле на Соединетите Американски Држави (САД) состаноците на Стратешкиот механизам Туркије - САД да се одржуваат најмалку двапати годишно.
Нагласи дека детално разговарале за барањето на Туркије за опремата за модернизација на Ф-16 и купувањето на нов авион Ф-16.
„Сметаме дека барањето на Туркије за Ф-16 и членството на Шведска и Финска во НАТО не се поврзани и американскиот Конгрес не би требало да ги прикажува како поврзани прашања“, рече шефот на турската дипломатија.
Чавушоглу истакна дека доколку американската администрација е одлучна, противењето на американскиот Конгрес за Ф-16 може да се надмине.
За време на состанокот разговарано е и за прашањето за Сирија.
Чавушоглу рече дека се подготвени да соработуваат со САД со цел повторно да се фокусираат на Сирија, но дека САД не исполниле некои од ветувањата дадени на Туркије, особено Мапата на патот од Мунбич.
Договорот за Мунбич меѓу Туркије и САД е фокусиран на повлекување на терористите на ПКК/ЈПГ од градот со цел да се стабилизира регионот, кој се наоѓа во северниот дел на сириската покраина Алепо.
На прашањето за продажбата на авионите Ф-35 на Грција, турскиот министер за надворешни работи рече дека американската политика на рамнотежа меѓу Туркије и Грција се влошила.
Чавушоглу истакна дека го поканил американскиот државен секретар Блинкен да ја посети Туркије.