Чамбаши, висорамнината што го спојува земјоделството, туризмот и планинскиот мир
- На висорамнината на 2.000 метри надморска височина сточарите ги пасат своите стада, локалното население работи во своите градини, а посетителите уживаат во чистиот воздух и единствената глетка
Eyüp Elevli
02 Јули 2026•Ажурирано: 02 Јули 2026
photo: Kazım Cingirt / AA
ОРДУ
Висорамнината Чамбаши во Орду, Турција, и околните бачила, покрај локалното население кое продолжува со земјоделските и сточарските активности, секојдневно ги пречекуваат и оние што сакаат да уживаат во природата, пишува Анадолу.
Висорамнината на 2.000 метри надморска височина, што се наоѓа во областа Кабадуз, како и околните бачила, меѓу кои се и Ташбаши, Ерташ и Ѓоларди, се омилени поради нивните бескрајни шуми и воздухот богат со кислород.
Висорамнината, која со својата природа ги воодушевува посетителите, по затоплувањето на времето повторно оживеа со доаѓањето на локалното население и посетителите.
Оние што доаѓаат на висорамнината и во бачилата, пред сè од руралните населби, но и од другите окрузи, во своите градини садат семиња и расад од различни видови зеленчук. Сточарите, пак, ги поминуваат деновите пасејќи ги своите стада од ситен и крупен добиток по ливадите.
Фотографија : Kazım Cingirt/AA
Оние што сакаат да се оддалечат од градската врева, поминуваат ден во природата каде што цветаат шарени цвеќиња, меѓу кои и рододендрони, а купуваат и на продажните места локални производи.
Љубителите на адреналин, пак, се забавуваат возејќи се на летната санка поставена во ски-центарот Чамбаши.
- „Сега е вистинската сезона за убаво поминато време на висорамнината“ -
61-годишниот Сефа Каја, кој со своето семејство престојува во својата куќа во бачилото Ташбаши, за Анадолу изјави дека е убаво човек да се занимава со земја.
Фотографија : Kazım Cingirt/AA
Посочувајќи дека во својата градина засадил кељ, цвекло и компири, Каја рече: „Природата овде е многу убава. Во боровите шуми, наутро, заедно со ситниот дожд, тој мирис го опива човекот. Овде сè е природно.“
Фарук Думан, исто така, рече дека секогаш кога има можност, доаѓа на висорамнината со своето семејство и им помага на своите роднини кои имаат куќа таму во работите околу лозјата и градините.
Сердар Озкан, кој дошол на одмор во родниот крај од Германија, рече дека е среќен што поминува убаво време на висорамнината, која ја посетил со сопругата и децата.