Sinan Uslu
02 Август 2016•Ажурирај: 03 Август 2016
АНКАРА (АА) – Лидерот на Партијата АК, премиерот Бинали Јилдирим на денешниот состанок на партијата изјави дека Турција на 15 јули се спаси од голема опасност, јавува Anadolu Agency (AA).
„На 15 јули, Турција се спаси од голема опасност. На 15 јули, да беше успешен обидот за државен удар, сега не ќе постоеше устав, не ќе функционираше правото и не ќе постоеше ‘собранието-херој’. Политичките партии ќе беа затворени и политичката волја потполно ќе беше уништена“.
Јилдирим во говорот на седницата на Големото народно собрание на Турција се осврна на моменталната состојба.
Тој нагласи дека самите како пратеничка група и како влада вложуваат труд за да ја покријат раната што настана од предавничкиот обид за удар на 15 јули. Јилдирим потсети дека уште од првите часови на обидот за удар, во целата земја биле активирани обвинителите и правото било ставено во функција.
Премиерот посочи на тоа дека полицијата, од една страна, заедно со народот се борела против обидот за удар, а од друга страна работела на тоа да се обезбеди мир секаде на земјата.
„Во овој процес немавме проблеми со раководењето на економијата. Турскиот народ ја изврши својата одговорност во врска со економијата, исто како што ги извршуваше и другите свои одговорности. Во периодот од денот на ударот до денес, народот размени 11 милијарди долари свои пари и со тоа додаде дополнителна моќ на турската економија. Бирократијата уште од првиот ден ја продолжи својата работа прецизно и ефикасно, исто како да не се случило ништо. Уште од првиот ден обрнавме внимание да се задоволат потребите на народот во врска со погребот на загинатите, лекувањето на ранетите и општо, потребите на блиските на загинатите и на хероите. Нашата чувствителност за оваа тема ќе продолжи и понатаму“, рече Јилдирим.
Тој додаде дека се советувале и биле во контакт со другите партии и со нивните лидери уште од првиот ден на обидот за удар.
Исто така, Јилдирим потсети дека вчера ги посетил лидерот на Републиканската народна партија (ЏХП), Кемал Киличдароглу, и лидерот на Партијата за национално движење во Турција (МХП), Девлет Бахчели.
Јилдирим нагласи дека ги информирал лидерите на партиите во врска со процесот на вонредната состојба и во врска со одлуките што ги донела Владата за време на овој процес.
- „Вечерта на 15 јули, падна маската на предавниците“ -
Јилдирим нагласи дека по обидот за удар од 17 до 25 декември 2013 година, имале започнато безмилосна борба против ФЕТО.
„Заедно со нашиот претседател бевме оставени сами во борбата против овој обид за удар. Не ја добивме очекуваната поддршка од другите политички партии. Не ја добивме потполно очекуваната поддршка од медиумите. И на меѓународен план не ја добивме очекуваната поддршка. Вечерта на 15 јули, маската на предавничката организација падна, така што сега не само ние, фала му на Бога, цела Турција го виде вистинското лице на овие предавници. И 79 милиони луѓе водат борба против овие предавници“, рече Јилдирим.
- „Државата и народот се спасија од голема опасност“ -
„Предавничката и сепаратистичка, терористичка организација ќе ја отстраниме од оваа света земја“, рече Јилдирим и додаде: „До денес, со одлучност преземавме секакви мерки за ваквите организации да не можат да ѝ наштетат на Турција и однадвор и однатре. На 15 јули, Турција се спаси од голема опасност. На 15 јули, да беше успешен обидот за државен удар, сега не ќе постоеше устав, не ќе функционираше правото и не ќе постоеше ‘собранието-херој’. Политичките партии ќе беа затворени и политичката волја потполно ќе беше уништена. Од голема опасност се спасија и државата и народот. Ова го обезбеди ставот на нашиот врховен командант, претседателот Реџеп Таип Ердоган. Ова го обезбеди нашиот народ, што беше како брана против пучистите“.