БЕЛГРАД (АА) - „Сега е вистинско време да се најде решение за прашањето за Косово“, се согласија денес на средбата во Белград, српскиот претседател Александар Вучиќ и помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел, но Вучиќ додаде дека Србија нема да прифати загрозување на својот народ и на државата, јавува Anadolu agency (AA).
Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел, кој престојува во посета на Србија во рамките на балканската турнеја, наведе дека сега е време да се посветат на прашањето за Косово и да се најдат креативни решенија.
„Сега е време да се посветиме на тоа прашање, како и на прашањето за името на Македонија, за мапата на БиХ, но и да овозможиме иднина за следните генерации во целиот регион“, изјави Мичел на прес-конференцијата со Вучиќ во Претседателството на Србија.
Тој изјави дека САД се подготвени да сослушаат и да помогнат во пронаоѓање креативни решенија за тоа прашање.
„Пронаоѓањето решенија за Косово е задача за сите нас, САД го поддржуваат дијалогот помеѓу Белград и Приштина и ќе продолжат да го прават тоа, но, исто така, ги повикуваат двете страни да ги исполнат сите обврски од Бриселскиот договор“, рече тој.
Според зборовите на Вучиќ, Србија ги исполнила сите свои обврски, а Косово имало само една обврска, формирање Заедница на српски општини, која не ја исполнило, ниту ќе ја исполни.
„Србија ги исполни сите обврски од Бриселскиот договор, а од друга страна, Албанците имаат само една обврска што не ја исполнија. Европската унија и САД, но и сите други знаат за тоа. Благодарен сум што Мичел во Приштина рече дека оваа обврска мора да биде исполнета. Јас сум речиси уверен дека од таа работа нема да има ништо, зашто пет години не мрднаа со прст, а уверен сум дека тоа нема ниту да го сторат, иако имаа поддршка повремено и од Меѓународната заедница за тоа“, оцени Вучиќ.
Српскиот претседател истакна дека тоа зборува за различните стандарди на Меѓународната заедница кон Србија и Косово, додавајќи дека Србија ќе работи на решението за прашањето за Косово.
Коментирајќи ја трансформацијата на Косовските безбедносни сили, Вучиќ ги повика САД и ЕУ и сите други да покажат еден единствен документ врз основа на кој ќе се формираат тие.
„Тој секако дека не постои, не може никој да го измисли ни во ЕУ ни во САД, ниту каде било во светот“, изјави српскиот претседател.
Тој објасни дека може да постои во КФОР, но дека Резолуцијата 1244 не предвидува вооружени сили.
„Ова е моето прашање за сите наши гости, кои ги сакаат косовските сили, да ми наведат еден единствен член, една единствена буква која дава право за основање... Србија не ја признава независноста на Косово, Србија се противи на тоа и тоа му го кажав на Мичел. Моја работа е да зборувам во согласност со законот, така и ќе се однесувам. Не мислам дека тоа ќе придонесе за мирот и стабилноста на кој било во регионот, напротив“, додаде Вучиќ.
На тоа Мичел изјави дека никој не може да стави вето на Косово да ја развива својата независност, но дека тоа мора да биде направено во согласност со Уставот.
„Тие сметаат дека тоа е легитимно, а ние сметаме дека тоа е илегално, тоа е нашата суштинска разлика, ние сме мали, тие се големи, тие можат, ние не. Луѓето во Србија мораат да бидат свесни дека ние без Американците не можеме да го решиме проблемот со Косово, но и другите проблеми. Оние кои мислат поразлично, се наивни“, додаде Вучиќ.
Зборувајќи за други теми на состанокот, двајцата соговорници истакнаа дека имале отворен разговор, а Вучиќ му се заблагодари на Мичел што е еден од ретките кои, и покрај различните ставови на двете земји, ги сослушал ставовите на Србија.
Тие се согласија дека соработката на двете земји е добра, но дека е потребно нејзино понатамошно унапредување, и дека тие на тоа ќе работат заеднички.
„Веруваме дека Србија, која има добрососедски односи со сите земји, претставува значаен придонес за мирот и стабилноста во регионот“, додаде Мичел.
Запрашан зошто денес се состанува со лидерите на опозицијата во Белград, а тоа не го сторил во Приштина или во Скопје, Мичел одговори дека е важно да се состане со сите актери на општеството, додека Вучиќ додаде дека Мичел има право да се состане со кого и да сака.
„Секојпат на сите избори победував сè поубедливо и ќе продолжам да го правам тоа, а тие (опозицијата) нема да го одредуваат тоа. Ќе се тргнам кога јас ќе сакам, кога ќе дојдат помладите, а тоа ќе биде наскоро“, заклучи Вучиќ.
Мичел се состана и со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, а ќе биде одржан состанок и со лидерите на опозицијата во Србија.
Вес Мичел ја започна балканската турнеја со посетата на Косово, беше и во Скопје, а по Белград ќе оди во Атина и Никозија.