Abdula Berisha
21 Јуни 2019•Ажурирај: 22 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Бирото за метрологија на Северна Македонија е опремено со нова опрема, која вклучува и мобилна лабораторија за испитување на квалитетот на нафтените деривати, што е новост во државата, јавува Anadolu Agency (AA).
На промоцијата на новата опрема присуствуваа премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за економија, Крешник Бектеши, директорката на Бирото за метрологија, Мерита Мустафаи, и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.
Премиерот Заев рече дека Владата води грижа за унапредување на стандардите и квалитетот на услугите кон граѓаните, со посебен акцент на квалитетот на нафтените деривати.
„Мобилната лабораторија, која ќе биде опремена според највисоките стандарди, со софистицирани инструменти кои ќе мерат девет карактеристики на нафтените горива, ќе овозможи на самото место, на терен, да се провери квалитетот на горивата и дали се тие согласно пропишаните стандарди“, рече Заев.
Министерот Бектеши рече дека со оваа активност се докажува дека Владата не прави реформи само на хартија, туку како што истакна тој, се прават реформи кои ќе имаат директно влијание во заштитата на потрошувачите.
„Затоа, ние одлучивме да го снабдиме Бирото за метрологија со мобилна лабораторија, која ќе врши контрола на квалитетот на нафтата и нафтените деривати, но истовремено го зголемуваме капацитетот на Пазарниот инспекторат со единствена цел, да ги заштитиме потрошувачите“, рече Бектеши.
Директорката Мустафаи рече дека на снабдувањето со опремата му претходела јавна набавка, која е во износ од околу 37 милиони денари. Директорот Пауновски во својот говор им се заблагодари на Владата и на Министерството за економија за поддршката, ветувајќи дека преку совесното работење ќе придонесат за подобрување на квалитетот на услугите и подобра заштита на потрошувачите.
Во рамки на посетата, премиерот Заев ги посети и лабораториите на Бирото за метрологија, каде што одблизу се запозна со активностите кои се одвиваат во оваа институција.