Ivana Ramadanova
14 Декември 2015•Ажурирај: 15 Декември 2015
СКОПЈЕ (АА) - Специјалното јавно обвинителство ја презеде надлежноста над 34 предмети, вклучувајќи го и предметот „Пуч“. Од обвинителство предводено од Катица Јанева, информираат дека 16 предмети се поврзани со изборни нерегуларности, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во текот на изминатата недела од страна на јавноста беа барани податоци за воспоставување надлежност за други предмети, како предметите познати во јавноста како „Монструм“, „Диво Насеље“, „Ровер“ и слично. За сите овие предмети ќе се произнесеме дополнително, откако ќе бидат прибавени материјалите од незаконски следените комуникации и ќе се пристапи кон нивно преслушување и анализа. Секако, во моментот кога ова обвинителство ќе има конкретни информации за овие предмети и кога овие предмети и формално ќе бидат побарани со цел донесување одлука за стварна надлежност, јавноста благовремено ќе биде известена“, стои во соопштенеито на СЈО.
Од СЈО велат дека во текот на денот, од лидерот на СДСМ Зоран Заев ќе ги побараат материјалите за незаконски следените комуникации кои оваа партија ги поседува и за кои изразиле подготвеност да ги достават.
Специјалното јавно обвинителство дополнително ќе се произнесе за предметите „Монструм“, „Диво Насеље“, „Ровер“ и други, откако ќе ги добијат материјалите од незаконското прислушување.
Специјалното обвинителство додава дека единствено одбраната во случајот “Ровер”доставила одредени материјали кои сè уште биле предмет на анализа. Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ја известува јавноста и дека од денес ги има сите барани истражители, нивниот број во овој момент изнесува13.