Husamedin Gina
21 Ноември 2019•Ажурирај: 22 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Регионалната дводневна конференција насловена како „Улогата на жената во сочувувањето на мирот и безбедноста - Резолуција 1325 - Основа за акција“, започна денеска во Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Воведен збор на Конференцијата имаа Радмила Шеќеринска, потпретседател на Владата на Северна Македонија и министерка за одбрана, и Рената Тренеска Дескоска, министерката за правда.
Во своето обраќање, министерката Шекеринска потсети дека Балканот дефинитивно има експлозивна историја на страдање на жените и тоа во воени конфликти коишто беа глобални, но и во воени конфликти коишто се случуваа во овој регион.
Наведувајќи дека Резолуцијата на ОН е важна затоа што ја признава нерамноправната положба на жените, особено при воени конфликти, Шекеринска нагласи:
„Резолуцијата служи како рамка за агендата жени, мир и безбедност. Податоците говорат, иако ние ги избегнавме најголемиот дел од насилствата поврзани со југословенските конфликти, дека жртви на сексуалното насилство биле некаде до 20.000 жени.“
Шекеринска, исто така наведе дека денес во Армијата на Северна Македонија има 10 отсто жени, но дека таа бројка сѐ уште е ниска. Според неа, радува фактот што има повеќе офицерки, чиј процент изнесува 15,1 отсто.
Осврнувајќи се на Резолуцијата на Обединетите нации (ОН), министерката за правда, Рената Тренеска Дескоска, истакна дека се работи за резолуција која се бори против предрасудите кои не можат лесно да се препознаат, особено ако се длабоко вкоренети во една средина.
„Една од тие предрасуди која што опстојува со векови и сѐ уште денеска можеме да ја видиме дури и во нашите простори е предрасудите за машката надмоќ во одредени сфери, а тука е особено сферата на безбедност, сферата на градење мир, сферата на одлучување“, рече Дескоска, додавајќи дека Резолуцијата во една мека формулација помага земјите со приспособувањето кон неа да ги отстрануваат овие предрасуди.
Конференцијата е во организација на НЕКСУС „Граѓански концепт“, Институтот за родови студии при Философскиот факултет на УКИМ во Скопје, НАТО Јавна дипломатија од Брисел - Белгија и ЦИВИКА „Мобилитас“.
Во 2000 година Советот за безбедност на ОН ја усвои Резолуцијата 1325 со која и формално се нагласува важноста на улогата на жената и нејзиното рамноправно учество во одбраната, или во спречување и решавање на конфликти. Со Резолуцијата се повикуваат државите членки да обезбедат поголемо присуство на жените во донесување на одлуките и тоа на сите нивоа во процесот на одлучување.