Vesna Besiç
21 Ноември 2019•Ажурирај: 22 Ноември 2019
САРАЕВО (АА) - Европа и Западен Балкан се менуваат демографски, честопати во однос на земјите на поаѓање и дестинација, со оглед на тоа дека само во 2018 година речиси 230.000 граѓани мигрирале легално во Европската Унија и во последните седум години мигрирале повеќе од 5 милиони граѓани (или една четвртина од населението), рече генералната секретарка на Советот за регионална соработка (RCC), Мајлинда Брегу, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи на почетокот на Панелот на високо ниво на тема „Западен Балкан и ЕУ: Заеднички предизвици и заеднички одговорности“, кој е одржан во состав на годишниот изборен конгрес на Европската народна партија (EPP) во 2019 година, кој од 20 до 21 ноември се одржува во Загреб, наведе дека овие бројки се уште поголеми кога се работи за младите.
„Со оглед на тоа дека 35 отсто од младите во регионот се невработени (што е двојно поголема стапката на невработеност од оние во ЕУ), 62 отсто од нив сакаат да одат и да работат во странство, се вели во податоците на Балканскиот барометар за 2019 година. Ова се алармантни бројки за регионот. Тие, меѓутоа, зборуваат за де факто демографската европеизација на населението во регионот“, изјави Брегу.
Советот за регионална соработка во потполност е посветен на регионалната соработка и оттаму веруваат дека работите можат да тргнат напред, а негативните трендови да се сменат.
„Иако регионалната соработка е значајна само доколку крајната дестинација е интеграцијата во ЕУ, ние треба да продолжиме да работиме заедно за да ги поврземе пазарите и луѓето, да овозможиме слободно движење на луѓето, стоката и услугите низ целиот регион, унапредување на нашиот образовен систем за да ги задоволиме потребите на пазарот на трудот, да ги зајакнеме жените, да овозможиме вклучување на младите луѓе во процесите на донесување одлуки, вклучување на социјалната димензија во нашите активности и конечно отстранување на пречките во нашиот регион. Сево ова и многу повеќе, за да им овозможиме на граѓаните да останат, а на оние кои веќе отишле, да се вратат и да придонесат за развој на нашите општества. Бидејќи што е земја без луѓе“, заклучи Брегу.
Панелистките, меѓу кои беа и членките на Европскиот парламент и кандидатката за потпретседателка на Европската комисија за демократија и демографија и потпретседателка на Клубот на пратеници на Европската народна партија, Дубравка Шуица, заменик-директорката на Меѓународниот републикански институт во Босна и Херцеговина, Амила Карачиќ и претседателката на Институтот „Роберт Шуман“ и на Асоцијацијата на жени на Европската народна партија, Дорис Пак, разговараа за односот помеѓу Западен Балкан и Европската Унија (ЕУ), со цел да се разјаснат и да се понудат решенија за заедничките предизвици како што се миграцијата, невработеноста кај младите и одливот на квалификуван персонал и да разговараат за заедничките одговорности.
Брегу е повикана да модерира со панелот поради нејзиното богато искуство и познавање на регионот и нејзиниот однос со Европската Унија.